Вашингтон ќе стационира борбени авиони од типот „F-22 Raptor“ во Јужна Кореја, поради учество во маневрите со јужнокорејската армија, известија во петокот медиумите во Сеул, кој разгледува можност да ги прекине заедничките воени вежби со САД додека траат Зимските олимписки игри во оваа земја.
Шест авиони од воената база на јапонскиот остров Окинава ќе бидат распоредени во Јужна Кореја за учество во петдневните маневри под називот „Vigilant Ace“, којашто ќе започне на 4-ти декември, според јужнокорејските медиуми.
Портпаролот на јужнокорејските воздушни сили одбил да го наведе точниот број на авионите „F-22 Raptor“ кои ќе учествуваат во спомената вежба. Портпаролот на амерканското воздухопловство, пак, не сакал да ја коментира таа информација.
Според јужнокорејските медиуми, американските авиони ќе учествуваат во вежбите за изведување прецизни удари заедно со јужнокореските ловци.
Претходно во четвртокот јужнокорејската службена новинска агенција Yonhap повикувајќи се на неименуван член на јужнокорејското претседателство извести дека Сеул „веќе подолго време“ размислува за откажување на редовните воени вежби со американските сили следната година за да ја намали опасноста од агресивната реакција на Северна Кореја во текот на одржувањето на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја.
Северна Кореја редовно ги осудува повеќекратните годишни редовни заеднички воени вежби меѓу Јужна Кореја и САД, како подготовки за напад врз неа и повремено пред нивното одржување изведува нукларни или ракетни тестирања или испраќа вербални закани за уништување на двете земји.
Зимската олимпијада ќе се одржи во Јужна Кореја од 9-ти до 25-ти февруари, а Параолимпијадата од 8-ми до 18-ти март.
Претседателскиот кабинет познат како „Сина палата“ се огласи со соопштение во кое наведува дека никаква одлука за воените вежби не е донесена. Функционери од министерството за одбрана не сакале да коментираат.
Редовните годишни вежби под назив „Клучна решителност“ и „Млад орел“ војските на Јужна Кореја и на САД вообичаено ги одржуваат во март и во април. На нив уествуваат повеќе од 300.000 јужнокорејски војници и околу 17.000 американски од вкупно 55.000 војници, колку што се стационирани во оваа земја.
Јужна Кореја се надева дека учеството на Северна Кореја на игрите може да помогне во поправувањето на нивните тешко нарушени односи последните години. Тензиите на Корејскиот полуостров зајакнаа особено минатата и оваа година, откако Северна Кореја забрзано го развива своето нуклеарно оружје и развивајќи интерконтинентални балистички ракети кои може да понесат нуклеарна боева глава и да достигнат цели на американскиот континент, со што ги крши санкциите на Обединетите нации.
Иако Северна Кореја не изведе никаков тест во изминатите два месеца, таа повторно ветува дека нема да се откаже од своето оружје за коешто тврди дека ѝ е неопходно за одбрана од американската агресија.