САД истражуваат дали коронавирусот настанал во лабораторија во Вухан

EPA-EFE/STRINGER CHINA OUT

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Вашингтон се обидува да открие дали новиот тип коронавирус е создаден во лабораторија во кинескиот град Вухан, од каде што официјално започна пандемијата, а државниот секретар Мајк Помпео порача дека Пекинг треба да „изнесе на виделина“ сѐ што знае.

Изворот на вирусот сѐ уште е мистерија, иако кинеските научнции од поодамна објавија дека веројатно е мутација на вирус кој се наоѓа кај змии и лилјаци, кои како локален деликатес се продавале нелегално на пазарот во Вухан, место кое е детектирано за појдовна точка на заразата којашто подоцна се прошири во целиот свет.

Американската телевизиска мрежа Fox News објави во средата дека вирусот потекнува од лабораторија во Вухан, но не како биолошко оружје, туку за Кина да им покаже на САД дека имаат исти или подобри способности за идентификување на вирусите и борбата против нив. Овој извештај, како и некои претходни, алудираат дека поради ниските безбедносни стандарди во лабораторијата во Вухан некој се заразил и се појавил на нелегалниот пазар за диви животни од каде вирусот почнал да се шири.

Трамп на брифингот за новинарите во Белата куќа рече дека е запознает со споменатиот извештај, но не сакаше да открие што за тоа разговарал во телефонскиот разговор со кинескиот претседател Кси Џинпинг.

„Водиме многу темелен преглед на оваа грозна ситуација. Не сакам да зборувам за тоа што му кажав ( на кинескиот претседател) за лабораторијата. Не сакам да зборувам за тоа, во моментот не е соодветно“, рече американскиот челник.

Институтот за вирологија во Вухан уште во февруари ги отфрли шпекулациите дека вирусот настанал во една од неговите лаборатории. Во четвртокот Министерството за надворешни работи на Кина потсети дека Светската здравствена организација (СЗО – WHO), исто така, соопштила дека нема докази оти новиот коронавирус потекнува од лабораторијата. Портпаролот Жао Лиџијан ова го кажа како одговор на тврдењата рече дека вирусот, од кој се заразени повеќе од два милиона луѓе во светот, потекнува од лабораторија во кинескиот град.

Претходно американскиот државен секретар Мајк Помпео во интервју за телевизијата Fox News рече меѓу другото „знаеме дека вирусот потекнал од Вухан во Кина“, како и дека тамошниот Институт за вирологија е оддалечен само неколку километри од пазарот за животни.

„Кинеската влада навистина треба да одговори и да објасни како овој вирус всушност се шири. Кинеската влада мора тоа да го изнесе на виделина“, рече Помпео.

Пошироката светска научна заедница смета дека новиот тип короанвирус Sars-CoV-2 потекнува од лилјаците. А верзиите за можното вештачко потекло на коронавирусот се засилија откако минатиот месец на интернет и на социјалните мрежи беше емитувана репортажа од популарниот научен тв канал Leonardo од 2015 година, во којашто се зборува за „модификација на вурусот SARS во Кина во експериментални цели“.

На крајот од март, Високиот италијански здравствен совет категорично го отфрла лабораториското потекло на новиот тип коронавирус, и ваквите претпоставки ги оцени како „фантастични“.

„Ние нема да развиваме теории (за лабораторискот потекло на вирусот), коишто наликуваат на фантастичен биотероризам. Имаме апсолутно непобитни индиции дека е невозможно Sars-CoV-2 да биде произведен во лабораторија. Секоја ваква претпоставка нема научна основа“, изјави тогаш Франко Локатели, челникот на ова консултативно тело на владата на Италија, земјата којашто e меѓу најнастраданите во светот од коронавирусот.

Претседателот Трамп и други американски функционери, исто така, изразуваат сомнежи и во бројот на починатите во пандемијата во Кина, на малку повеќе од 3.000, додека во САД почнаа повеќе од 20.000 и бројката постојано расте.

Во средата Трамп рече дека САД имаат повеќе регистрирани случаи бидејќи „за тоа повеќе се известува“. „Им верувате ли навистина на тие бројки во огромната земја Кина и дека имаат веродостоен број на заразените и мртвите, верува ли некој во тоа?“, запраша Трамп.