САД се откажаа од Спогодбата за пријателство, економски односи и конзуларни права со Иран потпишан во 1955 година, објави во средата американскиот државен секретар Мајк Помпео, откако претходно во средата Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ) во Хаг во својата одлука побара Вашингтон да се погрижи новите негови санкции против Техеран, како и од новиот круг кои треба да стапат на сила на 4-ти ноември, не влијаат врз хуманитарната помош и безбедноста во цивилното воздухопловство, што иранската страна го прогласи за своја победа.
Судиите на Меѓународниот суд на правдата пресудија дека санкциите коишто во мај ги наметна администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги кршат токму одредбите на Спогодбата за пријателство меѓу двете земји од 1955 година.
Обвинувајќи го Иран за „злоупотреба на ICJ во политички и пропагандни цели“, Мајк Помпео рече дека САД излегуваат од Спогодбата којашто е потпишана кога на чело на Иран беше шахот Реза Пахлави а која послужи како основа за тужбата на Техеран против Вашингтон.
„Искрено говорејќи, оваа одлука доаѓа со закаснување од 39 години“, рече Помпео, сугерирајќи дека САД требало да се повлечат во 1979 година, по Исламската револуција во Иран кога беше соборен шахот Пахлави.
Шефот на американската дипломатија оцени дека одлуката на судот во Хаг претставува „пораз за Иран“, иако таа налага дека САД мора да ги укинат санкциите кои би влијаеле на хуманитарната помош. Призна дека е „разочаран“ што судот „не препознал дека нема надлежност“ над овој случај, но дека пресудата „всушност претставува пораз за Иран“.
„Судот го отфрли обидот на Иран да се донесат пошироки мерки коишто би се однесувале на американските санкции и со право потсети на иранската историја на непридржување до меѓународните обврски кон договорот за неширење на нукларното оружје“, рече Помпео.
Појасни, исто така, дека во режимот на санкциите и онака веќе постојат исклучоци за хуманитарната помош.
„Тесно соработуваме со министерството за финансии, за оредени трансакции кои се однесуваат на хуманитарната помош да може да бидат продолжени“, додаде Помпео.
Иранското министерство за надворешни работи, очекувано, ја поздрави одлуката на судот.
„Одлуката уште еднаш покажа дека Исламската Република е во право и оти американските санкции против народот и граѓаните на нашата земја се нелегални и свирепи“, се наведува во соопштението на иранската дипломатија.