САД го поддржуваат историскиот Преспански договор и му честитаат на грчкото раководство за неговото постигнување, истакнал американскиот државен секретар Мајк Помпео на средбата во Вашингтон со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.
Во соопштението од Стејт департментот издадено по средбата се вели дека Помпео му честитал на Катругалос за излегувањето на Атина од програмите за финансиска помош и ја повторил поддршката на САД за економско закрепнување на Грција. Двајцата се согласиле дека Вашингтон и Атина ќе продолжат да работат заедно за промовирање стабилност и просперитет на Балканот и во источниот Медитеран.
Помпео ја истакнал важноста на Грција како столб на стабилноста во регионот и го поздравил грчкиот придонес како сојузник во НАТО.
Јоргос Катругалос престојува во Вашингтон по повод одржувањето на стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција. Двете страни, меѓу другото, ги разгледале тековните инвестиции во инфраструктурни проекти во Западен Балкан, но се разговарало и за континуираните предизвици со бегалците и имигрантите во Европа, при што САД истакнале дека продолжуваат да пружаат поддршка околу тоа.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција вчера во Њујорк имаше средба со посредникот на ОН во разговорите за името,Метју Нимиц на која беше поздравена заложбата на Атина и Скопје за успешно комплетирање на Договорот од Преспа.