
Администрацијата на Барак Обама побарала околу 12,8 милиони долари во американскиот буџет како финансиска помош за Македонија. Предвидено е околу 4,5 милиони американски долари Македонија да ги добие за поддршка на граѓанскиот сектор и невладините организации. Воглавно парите во земјава ќе стигнуваат главно преку американската агенција за поддршка и развој (УСАИД), која потоа ќе ги распоредува по невладините организации, пишува Дневник.
Од 2010 година константно се работи за сума од околу 4 милиони евра финансиска помош, меѓутоа парите втора година по ред се предвидени само за во два сектора: мир и стабилност и демократија, човекови права и добро владеење, каде што влегуваат и парите за невладините иако финансиска помош може да се дава и во други сектори (пример, за економскиот развој, за образование и социјала, за здравство).
До 2013 – та година Владата на САД давала финансиска помош и во другите сектори.
За Украина најмногу
Македонија, според тоа што се бара како финансиска помош во буџетот на САД, влегува во топ-10 европски држави. Најмногу американски долари во Европа како помош за 2015 година се планира да добие Украина. Американската влада за неа бара Kонгресот да одобри 94,2 милиони долари, од кои 22 отсто државата, која е во воен конфликт, ќе треба да ги потроши за заштита од оружје за масовно уништување. Втора на листата е Грузија, со помош од 55 милиони долари, која исто така најмногу ќе може да се троши за одбраната и реформите во безбедноста. Она што е интересно е дека трета европска држава според финансиска помош од САД е Kосово. Северниот сосед ќе добие 48,1 милиони долари, кои треба да ги троши за економски развој. Следуваат Босна и Херцеговина, Ерменија и Молдавија со помош од 20 до 36 милиони долари, исто така главно наменети за економија.
По оваа група на држави, следуваат Србија, Албанија, Азербејџан и Македонија со годишна помош од околу 13 милиони долари. Заедничко за нив е што помошта им е наменета за развој на демократијата, човековите права и доброто владеење. Најмала американска помош, воопшто во светот, ќе добијат Грција, Малта и Португалија, за кои во 2015 година е планирана помош од само 100.000 долари.
Различни региони, различни износи
Американската администрација во различни региони предвидува различна намена на финансиската помош што ја нуди. Така, според барањата на Стејт департментот, најмногу помош во американски долари треба да добие Средниот Исток – близу 7 милијарди долари. Речиси целата финансиска помош на САД во овој регион од светот се наменети во секторот безбедност и воени реформи. Израел, кој добива 3,1 милијарди, ќе може сите да ги потроши за таа намена. Многу пари за мирот и безбедноста ќе добијат и Египет и Јордан. Сирија (за која се бараат 155 милиони долари) и Јемен (околу 100 милиони долари), пак, најголем дел од финансиската помош ќе треба да потроши за воспоставување систем на добро владеење во рамките на програмите за демократија и човекови права.
Во Азија најмногу пари ќе отидат за Авганистан – 1,5 милијарда американски долари, од кои дури третина треба да се потроши за воспоставување системи на добро владеење. Следуваат Пакистан (со 880 милиони долари помош) и Филипините (со 203 милиони долари помош), кои треба да ги трошат за одбрана и реформи во безбедноста. За северна Америка (Хаити, Мексико, Доминикана, Kуба, Бахами…) планирани се вкупно 400 милиони долари, кои главно ќе се трошат за проекти во врска со ХИВ/СИДА. Од оваа група држави, само Kуба (околу 20 милиони долари) би добила пари за демократија, човекови права и добро владеење. За средна и јужна Америка, помошта исто така изнесува околу 400 милиони долари, но таа главно се добива за секторот мир и стабилност. Најмногу пари би добиле Kолумбија (околу 280 милиони долари) и Перу (93 милиони долари), кај кои околу 80 отсто од помошта се наменети за справување со наркобизнисите. Африканските држави (Нигерија, Танзанија, Kенија, Етиопија…) помошта од неколку милијарди долари ќе ја добијат за превенција од ХИВ/СИДА .Од нив само Сомалија ќе добие пари за промоција на мир и стабилност.
Американската администрација на Обама веќе две години едноподруго, за фискалната 2014 и за наредната 2015 година не планира да даде ниту долар на Русија. Според податоците на „Форин асистенс“, последен пат САД на Русија ~ дале финансиска помош во 2013 година, кога биле планирани 20,1 милиони долари и тоа сите во секторот безбедност. Во 2012 година како американската помош за Русија биле планирани 101 милион долари, во 2011 година – рекордни 186 милиони долари и во 2010 година – 71,5 милион долари.
Но не е само Русија, исклучена од американска помош. Најголем дел од западноевропските држави исто така не се дел од оваа програма на американската влада. Главно финансиската помош на САД во Европа се сведува на државите од поранешниот источен блок (поранешните држави на СССР, источна Европа и југоисточна Европа). Kина, пак, е една од државите во Азија, која ќе добие најмалку пари иако за целиот овој континент се одвојуваат околу две милијарди долари, а таа е една од најголемите држави. Kина ќе се бара да добие околу 6 милиони долари главно наменети за образование и социјала.