САД купила 200 милиони дози од вакцината на „Pfizer/BioNTech“, постои верзија на вакцината против делта варијантата

Американската компанија „Pfizer“ и нејзиниот германски партнер „BioNTech“ во петокот објавија дека американската влада купила 200 милиони дополнителни дози од нивната вакцина против Covid-19, како и дека имаат опција да се купи нова верзија на вакцината против делта варијантата на коронавирусот.

Во соопштението се наведува дека вкупниот број дози коишто ќе бидат испорачани на САД е 500 милиони, од кои, според податоците на американската влада, веќе се доставени приближно 208 милиони дози.

Минатата година компанијата „Pfizer“ потпиша договор со американската влада за набавка на 100 милиони дози вакцини за скоро две милијарди долари, со можност за купување на уште 500 милиони дози. Повеќето од новите дози ќе бидат испорачани до крајот на годината, а останатите 90 милиони до 30 април следната година, соопштија компаниите.

Директорот на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) претходно во четвртокот изјави дека седумдневниот просек на нови случаи во САД се зголемил за 53 проценти во споредба со претходната седмица.

Делта варијантата, првпат идентификувана во Индија поради што е позната и како индиски сој, опфаќа повеќе од 80 отсто од новите случаи на национално ниво.