Заменичката министерка за одбрана на САД не била информирана дека министерот Лојд Остин бил хоспитализиран кога таа презела некои од неговите должности на 2. јануари, објави во неделата телевизиската мрежа CNN.
Кетлин Хикс била информирана дури два дена подоцна дека Остин бил примен во воената болница „Волтер Рид“ на Нова година, објави CNN, цитирајќи два извора од Министерството за одбрана.
Агенцијата Reuters во саботата објави дека претседателот Џо Бајден, исто така, не бил информиран за хоспитализацијата до четвртокот навечер. Двајцата разговарале во саботата вечерта, изјавил друг американски официјален претставник.
Министерот Остин е вториот по претседателот Бајден во командната хиерархија на американската војска и неговите должности бараат тој да биде на располагање во секое време за да одговори на секаков вид на национална безбедносна криза.
Американското издание Politico oбјави дека генералот Чарлс Кју. Браун, претседател на Здружениот генералштаб, дознал за хоспитализацијата на Остин дури во вторникот.
Остин, кој има 70 години, во писмената изјава во саботата рече дека ја презема „целосната одговорност“ за тајноста околу неговата еднонеделна хоспитализација поради сè уште неоткриена медицинска причина.
Телевизиската мрежа CBS News во неделата објави дека Остин и натаму останува хоспитализиран.
Портпаролот на Пентагон не одговорил веднаш на барањето за коментар од Reuters за тоа кога Хикс и Браун биле известени за хоспитализацијата на Остин или дали тој сè уште е во болницата „Волтер Рид“.
Пентагон допрва треба да објасни од што се лекува Остин, дали загубил свест во текот на изминатиот викенд, како и да даде какви и да се поединости за тоа кога ќе биде пуштен од болница.