Американскиот производител на кондиторски продукти „Hershey“ предупредува дека САД може есенва да се соочат со недостиг од чоколада и бонбони, поради актуелната глобална криза во синџирите за снабдување, пренесе во петокот телевизиската мрежа ABC News.
Извршната директорка на компанијата, Мишел Бак, предупреди дека компанијата нема да може да ја задоволи побарувачката на пазарот за годинешниот празник Ноќ на вештерките.
„Нема да можеме целосно да ја задоволиме побарувачката на потрошувачите“, рече челничката на продукти „Hershey“.
Во прилогот телевизијата наведува дека продажбата на кондиторски производи за Ноќа на вештерките изнесува речиси 10 отсто од годишната продажба на компанијата. За овој празник кој се одбележува во октомври карактеристично е што се делат слатки на децата кои костимирани во групи ги посетуваат домовите.
Според Бак, компанијата производството наменето за празникот го започнала уште пролетва и има можност да обезбеди и повеќе, но сепак стравува дека нема да можат да се справат со побарувачката, бидејќи не сакаат да ги жртвуваат испораките на дневните залихи.
Инаку „Hershey“ не е единствената во оваа индустрија која најави носење тешки одлуки поради глобалната криза во синџирите за набавка. Така, „Klondike“ во сопственост на „Unilever“ објави дека ќе престане до производство на еден од нејзините препознатливи производи „Choco Taco“, се наведува во прилогот.
Причините за нарушувањата на синџирите на набавка, меѓу другото, е и војната во Украина, и сложеноста на испораките на опрема како и состојки, особено на какаото, наведува телевизијата.
Обемот на продажба на чоколадни производи во САД се зголемил во текот на пандемијата на коронавирусот, поради стимулациите на секторот од страна на американската влада. Меѓутоа, во моментов поради растот на цените на другите стоки, се забележува тенденцијата Американците да го намалат купувањето кондиторски производи.