САД: Можно е Израел да користел американско оружје за кршење на меѓународното право

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден објави во петокот дека е можно Израел да го користел оружјето добиено од САД во кршењето на меѓународното хуманитарно право во текот на своите воени операции во палестинската енклава Појасот Газа.

Иако ваквата формулација наведува на тоа дека САД ќе го критикуваат Израел, изостана директната осуда. Администрацијата на Бајден додаде дека поради хаотичната ситуација во Појасот Газа не можат да ги специфицираат случаите кога американското оружје е користење во кршењето на меѓународното право. Оттаму, е одлучено дека се веродостојни израелските објаснувања во врска со користењето на американското оружје во војната против палестинското милитантно движење Хамас.

„Имајќи го предвид силното потпирање на оружјето изработено во САД, разумно е да се процени дека израелските сили во периодот од 7-ми октомври го користеле на начин кој не е доследен на обврските од меѓународното хуманитарно право или со најдобрите практики за ублажување на страдањата на цивилите. Израел не сподели целосни информации за да потврди дали американското одбранбено оружје е користено во акциите во кои дошло до наводното кршење на меѓународно хуманитарно право во Газа или на Западниот брег и во источен Ерусалим“, стои во документот кој Стејт департментот му го поднел на Конгресот, а кој е обврзан да го поднесува според новиот Национален безбедносен меморандум кој во февруари годинава го издаде претседателот Бајден.

Демократскиот сенатор Крис Ван Холен изјави дека администрацијата се „извлекла на сите тешки прашања“ и избегнала поподробно да ги согледа таквите можности според кои израелските постапки заслужуваат да се запре воената помош.

„Овој извештај е противен на самиот себеси, бидејќи заклучува дека постојат оправдани основи да се верува дека имало кршење на меѓународното хуманитарно прави, но истовремено вели дека не го пронаоѓа тоа непочитување“, рече Ван Холен.

Само во текот на седумте месеци израелски офанзивни дејствија во Појасот Газа, убиени се најмалку 35.000 Палестинци, повеќето деца и жени, уште над 78.570 луѓе се ранети, а околу 10.000 се водат како исчезната и се смета дека се под сѐ уште нерасчистените урнатини.