САД најавија 400 милиони долари за Украина и понтонски мостови

САД испраќаат нова воена помош за Украина во износ од 400 милиони долари што вклучува главно муниција но и понтонски мостови за движење на тенковите кои Киев сѐ уште не ги добил и оклопните возила, а веста е објавена во петокот пред почетокот на средбата на американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц по којашто невообичаено немаше конференција за новинарите.

„Оваа воена помош вклучува повеќе муниција за американските (повеќекратни ракетни) системи HIMARS и за хаубиците (М777) со кои Украина ефикасно се брани, како и муниција за борбените возила Bradle, како и понтонски мостови за оклопните возила, и друга опрема“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Дополнителната муниција се испраќа, како и понтонските мостови откако украинската војска ги урна речиси сите за да го спречи префрлување на руските единици кон централна Украина, а како што пренесува агенцијата Reuters пред почетокот на пролетната офанзива, откако најавуваната за минатата есен украинските сили не ја остварија.

„Понтонските мостови се важни за комбинирани воени операции. Тие им овозможуваат на оклопните возила да ги преминат тесните реки, пречките коишто може да го забават движењето на цела воена сила“, појаснува за Reuters Џек Ветлинг стручњак од Royal United Services Institute од Лондон.

„Мостовите се критични за офанзивни операции и покажуваат дека САД ја подготвуваат Украина да ја поврати окупираната територија“, оценува Ветлинг.

По долги притисоци од САД, на почетокот од јануари Германија се согласи  да ѝ испорача на Украина тенкови од германско производство „Leopard 2“ како и за другите европски земји кои ги поседува. Киев досега доби од Полска четири такви тенкови, САД најавија дека ќе испорачаат 31 офанзивен тенк „M1 Abrams“, а Велика Британија 14 од своите „Challenger 2“.

Меѓутоа, испораките одат бавно бидејќи се покажа дека земјите донатори имаат многу ограничени залихи функционални тенкови. Лондонски Time кон средината на февруари направи процени дека Киев до почетокот на април може да се надева на само 50-ина од 320-те ветени тенкови. Украина, пак, во првата испорака очекува да добие 140 тенкови од 12 земји

Токму германската воена помош за Украина беше најавувана како главна тема на разговорите меѓу американскиот претседател Бајден и германскиот канцелар Шолц во петокот вечерта во Белата куќа

 

Средбата Бајден – Шолц порака за единството но со избегнување незгодни прашања

Состанокот на германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа а посветен на Украина, е можност да им испратат порака на Русија и Кина дека „се единствени во однос на руската агресија“, пишува AFP.

Киев пред посетата и таквите најави вообичаено реагираше со предупредувањето дека испораките на дополнителни количества оружје „само ќе го пролонгираат крајот на војната но не и исходот“ и дека „само ќе го зголемат страдањето на Украинците“.

„Соединетите држави ја продолжуваат својата политика на зголемен извоз на оружје во Украина и ги поттикнуваат своите вазали на го прават истото“, изјави во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кого го цитираше агенцијата РИА:

Бајден го прими Шолц во Овалната соба на Белата куќа со само куси изјави за медиумите, а изостанувањето на вообичаената за вакви пригоди заедничка прес-конференција во медиумите го постави прашањето дали меѓу Вашингтон и Берлин сѐ уште траат тензиите околу испораките на германските тенкови за Украина.

Меѓутоа, Бајден и Шолц, судејќи според сѐ сакаа да ги избегнат можните непријатни прашања откако минатиот месец влијателниот и наградуван американски новинар Сејмур Херш објави напис, кој се темели на „осведочен извор“ со многу прецизно наведување детали како датуми, локации и личност и во кој се тврди дека Бајден девет месеци го планирал уништувањето на гасоводите Северен тек 1 и 2 со кои евтиниот рускиот гас се извезуваше во Германија.

Херш на својот блог објави истражувачка сторија во којашто, повикувајќи се на свои извори инволвирани во целата операција, тврди дека нуркачи на американската војска ги поставиле експлозивните направи под гасоводите Северен тек минатото лето, а три месеца подоцна нив ги детонирала норвешката војска.

Според Херш, кога германскиот канцелар Олаф Шолц ланскиот февруари беше во Белата куќа, Џо Бајден сѐ уште немал такви конкретни планови. Меѓутоа, кога Херш  го објави своето истражување, повеќе медиумите потсетија на изјавата од 7-ри февруари 2022-ра, пред почетокот на руската инвазијата, во којашто американскиот претседател се закани дека доколку Русија ја нападне Украина „нема да има ништо“ од руско-германскиот гасовод Северен тек 2, но тогаш не појасни како би осигурил гасоводот кој веќе беше завршен и го чекаше последното одобрување од германскиот регулатор да не биде ставен во функција.

Белата куќа истакна во, исто така, кусо соопштение, без да наведе некој пример а станува збор за најголемиот сојузник на САД во Европа и земја во којашто е клучната база на американската армија надвор од својата територија, дека „американскиот претседател не одржува секогаш конференции за медиумите кога прима челници од странство“.

Слично соопштение беше испратено и од Берлин, во кое со наведува дека „тоа прашање се предимензионира“.

„Станува збор за работна посета којашто во најголем дел ќе биде посветена на Украина. Односите меѓу САД и Германија, која зависи од НАТО и американската воена заштита се добри“, тврдеше портпаролот на германскиот канцелар Штефан Хаберштрајт.

Американските водечки медиуми ак, фокусот на посетата го ставаат на тоа дека нводно „двете сојузнички земји се обидуваат да покажат совршена хармонија по неколку епизоди на несогласување“. Едно од нив е, како што се наведува без да се спомне текстот на Херш, противењето на американскиот претседател Џо Бајден за гасоводот Северен тек 2, кој требаше да испорачува руски гас во Германија, но проектот беше суспендиран и пред руската инвазија во Украина а по минирањето веројатно никогаш нема да профункционира. Берлин, исто така, се противи на големите субвенции за американската зелена индустрија, што Вашингтон ги предвидува во IRA (Закон за намалување на инфлацијата).

Тензијата особено во последно време се зголемува поради испраќањето германски тенкови во Украина. Германија конечно се согласи да испрати одреден број свои тенкови Леопард на 26 јануари, што претставува пресвртница во испораката на западната воена помош за Украина.

За да ја натера Германија да се согласи, Вашингтон вети дека самиот ќе ги испорача тенковите, изјави во неделата советникот за национална безбедност Џејк Саливан. Бајден првично одлучил да не ги испраќа, бидејќи добил оценка од војската дека американските тенкови нема да бидат корисни на бојното поле, објасни Саливан за ABC News.

Германија инсистира да објасни дека одлуката за испраќање на тенковите била донесена по консултација со нејзините западни сојузници.