Соединетите држави најавија во средата нов пакет воена помош за властите во Киев во износ од дополнителни 1,3 милијарди долари.
Пакетот опфаќа испорака на четири противвоздушни ракетни системи, противтенковски системи, артилериска муниција, опрема за деминирање и дронови камиказе, соопшти Пентагон.
„Помошта е потврда на постојаното настојување на САД да одговорат на итните потреби на Украина со испраќање техника важна на кус рок, развивајќи способност на украинските вооружени сили да ја бранат својата територија и среднорочно и долгорочно да пружат отпор на руската агресија“, додава Пентагон.
Сепак, оваа воена опрема и покрај „итните потреби“ нема толку брзо да стаса на фронтот, бидејќи најавената помош е дел од Иницијативата за безбедносна помош на Украина којашто на претседателот Џо Бајден му овозможува да го купува оружјето од производителите, наместо да го повлекува од залихите на американската армија. Така што, допрва производителите од одбранбениот сектор треба да потврдат дали ги имаат во залихи или да ги произведат.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски им се заблагодари во средата на САД на новиот пакет воена помош, истакнувајќи ја „трајната поддршка“ од Вашингтон. Таа помош „ќе овозможи да се спасат украински животи и да ѝ приближиме на нашата заедничка победа“, напиша Зеленски на Тwitter, „Ја цениме трајната поддршка на пријателскиот американски народ“, додаде украинскиот претседател.