Соединетите држави објавија во четвртокот за новиот пакет воена поддршка на Украина во нејзината војна против Русија во износ од дополнителни 2,5 милијарди долари, кој опфаќа „стотици“ оклопни борбени возила од разни типови, но не и тешките јуришни тенкови „Abrams“.
Во новата транша се вклучени 59 оклопни борбени возила „Bradley“, покрај 50-те лесни оклопни возила од истиот тип, чиешто испорачување беше најавено на 6-ти јануари, како и 90 транспортни оклопни возила „Stryker“ коишто на Украина „ќе ѝ дадат две оклопни бригади“, се наведува во соопштението од Пентагон.
Американската војска, покрај тоа, во Украина ќе пренесе и уште 53 противмински оклопни возила MRAP и 350 транспортери М998 познати како „Humvee“.,
Оваа нова пратка, сепак не ги опфаќа тешките борбени тенкови „Abrams“ како што бара Киев, коишто Вашингтон сѐ уште не е подготвен да ги испорача објаснувајќи дека со тоа нивното одржување би било тешко за Украина и барало голема логистичка поддршка. Воените аналитичари посочуваат дека овие возила трошат многу гориво, нивното снабдување ќе биде лесна цел на руските воздушни сили, а некои предупредуваат дека се претешки на мократа почва каква што се очекува во претстојниот период.
САД на Украина, исто така, ќе ѝ испратат и резерви ракети за веќе испорачаните системи NASAMS и HIMARS од кои не е познато уште колку се во функција, осум противвоздушни системи со кус дострел „Avenger“ и илјадници парчиња разна муниција.
По овој нов пакет, вкупната вредноста на американското вооружување испорачано на Украина од почетокот на руската инвазија од 24-ти февруари 2022 година се зголемува на 26,7 милијарди долари, но некои стручњаци проценуваат дека станува збор за далеку повисока стварна сума.
Коментирајќи ги медиумските информации за тоа дека Германија нема да ги испрати своите тешки борбени тенкови „Leopard 2“ додека САД не ги испорачаат своите тенкови од истата класа „Abrams“, украинскиот претседател Володомир Зеленски, во четвртокот го критикуваше одолговлекувањето на Берлин.
Во петокот во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија, ќе се одржи состанок на министрите за одбрана на западните земји кои воено ја поддржуваат Украина, а според медиумите водечкиот збор ќе го имаат САД коишто ќе ги претставува државниот секретар за одбрана Лојд Остин.