САД на Украина ѝ испраќаат уште четири системи HIMARS

САД ќе ѝ испратат на Украина уште четири мобилни повеќекратни ракетни систем HIMARS, објави во средата американскиот министер за одбрана Лојд Остин, што е последен во низата пакети воена помош која треба да ја подобри борбената способност на Киев во војната против Русија.

Но истовремено е своевидна потврда на тврдењата во Москва дека досега уништила најмалку два од овие американски ракетни системи со долг дострел од кои украинската војска ги напаѓа руските складишта со муниција но и цивилните населби во проруските југоисточни региони под контрола на проруските сепаратистички и руски трупи.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу претходно седмицава посетувајќи го фронтот во Украина им порача на генералите дека приоритет треба да им биде уништувањето на американските ракетни и артилериски системи со долг дострел. Истовремено шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека е јасно дека со таквите системи во Украина командуваат инструктори и команданти од земјите членки на НАТО, со разузнавачка и сателитска логистика на САД.,

„И натаму ќе бараме нови начини долгорочно да им помогнеме на храбрите мажи и жени во украинскиот вооружени сили и да ја осмислувме нашата поддршка со што Украина ќе има технологија, муниција и огнена моќ за самоодбрана“, рече Остин на виртуелниот состанок со сојузниците посветен на Украина.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин, инаку со сега поранешниот британски премиер Борис Џонсон, беа двајцата западни политичари кои ненадејно на почетокот од април го посетија Киев, непосредно откако една седмица подоцна во Истанбул беше објавено дека Киев и Москва дошле речиси до финален договор за постигнување мир. Од тогаш досега не се случи ниедна средба на руската и на украинската делегација за постигнување прекин на огнот и постигнување мировен договор започнат веднаш по почетокот на руската инвазија на 24-ти февруари.

Остин е познат и по изјавите дека целта на доставувањето на оружјето на Украина е всушност на долги патеки да се исцрпи Русија за да не претставува опасност за Европа.

САД изминатите осум години издвојуваат огромни средства за воена помош на Украина, а сега сакаат да убедат што повеќе земји да ги следат во тоа. Западот последните месеци ѝ испорача на Украина артилерија и повеќекратни ракетни лансирни системи со долг дострел за да се справи со надмоќната руска артилерија.

Системите HIMARS имаа поголем дострел и се попрецизни од артилеријата која ја поседува Украина. Американскиот ракетен систем HIMARS со дострел од околу 80 километри беше дел од 11-от пакет воена помош на САД за Украина во војната против Русија, донесен на 1-ви јуни. Тогаш Белата куќа соопшти дека Киев се обврзал дека таквите вооружувања со долг дострел нема да ги користи за напади врз цели на руска територија, на што во Москва одговорија со неверување, па една од целите на сегашната офанзива на руските трупи во Украина е да ги потиснат украинските единици кон централниот дел од земјата и надвор од дострелот на таквите системи.

Остин рече и дека новиот пакет вклучува и ракети и артилериска муниција. На 1-ви јули беше објавено дека САД ѝ испраќаат на Украина уште два ракетни система од типот „земја-воздух“ од моделот NASAMS, четири противартилериски радари и 150.000 парчиња артилериски муниција со калибар од 155 милиметри. Пакетот вклучува и дополнителна муниција за артилериските ракетни системи со долг дострел и висока мобилност HIMARS.

Севкупно со последниот пакет, САД на Украина досега ѝ обезбедил 16 системи HIMARS, но најмалку два од нив се уништени во руските удари. Вкупната воена помош на Вашингтон за Киев од почетокот на војната изнесува 8 милијарди долари, а само 2,2 милијарди долари во јуни. Не се соопштени вкупните податоци за американската воена помош на Киев во изминатите осум години, по превратот во Киев во 2014 година, помогнат првенствено од Вашингтон.