Вашингтон во петокот го објави повлекувањето од Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty), склучен со Русија која ја обвинуваат дека го прекршила овој договор склучен во ерата на Студената војна, додека Москва повторно предупреди дека станува збор за изговор на американската страна и потег кој може да започне опасна трка во вооружувањето.
„САД утре ќе ги укинат своите обврски од договорот INF и ќе го започнат повлекувањето од договорот што ќе биде завршено во рок од шест месеци, освен доколку Русија не ги испочитува своите обврски и не ги уништи сите ракети, лансери и опрема која ја крши спогодбата“, соопшти американскиот претседател Доналд Трамп во писмена изјава.
Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео рече дека Вашингтон е подготвен да ги продолжи разговорите со Москва за разоружувањето.
И пред американската одлука, којашто беше очекувана, Русија ги предупреди САД за „исклучително неодговорниот потег“, оценувајќи го договорот за неопходен, особено за европската безбедност. Кремљ ги негира „неоснованите“ обвинувања и вели дека САД се тие кои го кршат споменатиот договор. Москва, исто така, тврди дека Вашингтон е страната која всушност не сака да влезе во сериозни преговори, за да се одржи договорот.
„Русија го задржува правото на соодветна реакција на одлуката на САД да излезат од INF. Сигурно, такви чекори ќе бидат направени“, порача во кусата изјава за медиумите портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова и оцени дека американското повлекување не е поврзано со Русија, туку е стратегија за отфрлање на преземените обврски во многу области од страна на Вашингтон.
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп ланскиот 20-ти октомври најави дека САД предвидуваат излегување од Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty) кој во 1987 година го потпишаа тогашните лидери американскиот и последниот советски челник, Роналд Реган и Михаил Горбачев. Договорот INF беше потпишан на 8-ми декември 1987 година, а стапи на сила на 1-ви јуни 1988 година. Со него се опфатени распоредените и нераспоредените проектили со помал дострел, од 500 до 1.000 километри, и со среден дострел, од 1.000 до 5.500 километри.
Како причина за одлуката Вашингтон го истакнува наводното руско кршење на договорот, што Мосвка го отфрла и за истото ја обвинува американската страна, предупредувајќи оти изгледа дека САД се подготвуваат за војна.
Загриженоста на американските сојузници во Европа поради одлуката на Вашингтон, ја подгреа и изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дадена кон крајот на октомври, во којашто предупреди дека американското повлекување од договорите за разоружувања, како што е договорот за поседување нуклеарно оружје со срден и кус дострел, ќе доведе до трка во вооружувањето и до извонредно опасна ситуација, и ги предупреди европските земји дека може да станат цел доколку на своја територија разместата американски стратешки проектили.
Рускиот претседател тогаш предупреди дека „главното прашање е што САД ќе сторат доколку се повлечат“ од договорот INF. „Доколку разместат ракети во Европа, тогаш мораме да одговориме на ист начин“, порача Путин.