
Најмалку пет лица загинаа синоќа во несреќа на патнички воз на железничката компанија „Амтрак“ северно од Филаделфија, во сојузната држава Пенсилванија, изјави градоначалникот на Филаделфија Мајкл Нутер.
За време на несреќата во возот имало 238 патници и шест членови на екипаж. Десетици лица се повредени, а во болница се пренесени околу 60 патници, од кои шестмина во критична состојба, јавија спасувачките служби, пренесува MИА, повикувајќи се на Би-Би-Си.
Блокирани се сите патишта кон местото на несреќата, каде работат спасувачки екипи и пожарникари. Неколку вагони излетале од шините и се целосно оштетени.
„Амтрак“ објави дека причината за несреќата засега не е позната. Националната агенција за безбедност собира информации за утврдување на причините за несреќата на возот што патувал од Вашингтон за Њујорк.