Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе обезбеди 13,5 милијарди долари за домаќинствата со ниски приходи за да им се помогне со трошоците за греење претстојната зима, соопшти во средата Белата куќа.
Како дел од иницијативата, на само една седмица од можеби клучните избори на половината од мандатот на 8-ми ноември, американското Министерство за здравство и социјални услуги обезбедува 4,5 милијарди долари за финансирање на Програмата за енергетска помош на домаќинствата со ниски примања (LIHEAP), се наведува во соопштението.
Новото финансирање ќе им помогне на Американците во трошоците за греење, неплатените сметки за режиите и поправките на домашните уреди што ќе помогне да се намали потрошувачката на енергијата, соопшти Белата куќа.
„Овие чекори ќе пружат дополнителна поддршка на семејствата со ниски и средни приходи и ќе ги дополни даночните олеснувања коишто семејствата и сопствениците на зградите може да ги користат според Законот за намалување на инфлацијата за вградување на опрема за заштеда на енергијата и надоградување на зградите“, се додава во соопштението.
Американското Министерство за енергетика засебно ќе алоцира 9 милијарди долари од Законот за намалување на инфлацијата за да им се помогне на 1,6 милиони домаќинства да ги доградат своите домови за да ги намалат своите сметки за енергијата.