САД наметнуваат нови санкции против Русија

Американската влада се насочува против руското производство на оружје со нови санкции, објави во средата американското Министерство за финансии.

Од таму наведуваат дека санкциите опфаќаат околу 200 компании и 80 поединци во трети земји како Кина, Белгија и Словачка, кои наводно ја поддржуваат Русија во набавката на материјали за нејзината програма за оружје. Санкциите се насочени и кон руското наводно производство на хемиско и биолошко оружје.

„Денешните дејствија дополнително ќе ги нарушат и деградираат воените напори на Русија со напад врз нејзината воена индустриска база и мрежите што помагаат во нејзино снабдување“, рече американскиот министер за финансии Џенет Јелен.

Како резултат на новите санкции, сите средства на санкционираните лица во САД ќе бидат замрзнати. На американските граѓани или лица лоцирани во Соединетите држави им е забрането да прават бизнис со санкционирани компании и поединци.

Исто така во средата, американскиот Стејт департмент ја обвини Москва дека наводно користи различни надразнувачки гасови во текот на нејзината инвазија во Украина, што би претставувало доколку е веродостојно докажано кршење на Конвенцијата на Обединетите нации за хемиско оружје.

Санкционирани се и три лица кои наводно се поврзани со смртта на Алексеј Навални. Блоерот, критичарот на Кремљ, почина во руски затвор во февруари. Навални, повеќегодишен жесток противник на рускиот претседател Владимир Путин, почина во затворски логор во Арктичкиот круг во февруари, каде што одлежуваше долгогодишна казнаво врска со финансиски малверзации, непочитување на судски одлуки и други дела, за кои тој и неговите приврзаници обвинуваат дека биле политички мотивирани.

Западните политичари тврдат дека не било независно утврдено дали 47-годишникот починал од природна смрт, како што стои во потврдата за неговата смрт. Неговите поддржувачи велат дека тој бил убиен. Но американското разузнавање минатата седмица во два наврата објави дека според сѐ судејќи претседателот Путин нема никаква директна поврзаност со смртта на Навални.