Соединетите држави „не ги одобриле операциите (на израелската армија) околу и во болницата Ал Шифа“ во Газа, како што тоа не го прават ниту за другите воени одлуки на Израел, изјави во средата портпаролот на Белата куќа, додека израелската војска сѐ уште се наоѓаше во најголемиот болнички комплекс во палестинската енклава Појасот Газа на што следеа бројни реакции од загриженост до осуда.
„Секогаш бевме многу јасни со нашите израелски партнери за важноста од намалување на цивилните жртви. Исто така, бевме многу јасни со нив за фактот дека треба да се биде особено внимателни кога станува збор за болниците“, додаде Џон Кирби, портпаролот на Совет за национална безбедност на Белата куќа.
„Нема да коментираме опширно за тековната израелска воена операција. Како што рековме, не ги одобруваме воздушните напади врз болница и не сакаме пукање во болница каде што невини и болни луѓе на кои им е потребна помош се фатени меѓу два огна. Болниците и пациентите мора да бидат заштитени“, додаде Кирби.
Операцијата на израелската армија во болницата „Ал Шифи“, за која тврди дека под болничкиот комплекс се наоѓа наводно команден центар на Хамас, во средата предизвика загриженост и осуда од меѓународната заедница.
Израелската војска влезе во „Ал Шифа“, најголемата болница во Газа, во средата и рече дека војниците наводно пронашле оружје и „терористичка инфраструктура“ во рација на една локација во комплексот. Воен претставник изјави за новинарите дека нема борби во болничкиот комплекс, бидејќи војниците пристигнале во текот на ноќта и дека нема тензија со медицинскиот персонал или пациентите во друг дел од болницата.
Висок владин претставник на Хамас изјави за AFP дека видел „тенкови“ и „специјалци“ во болничкиот комплекс. Израел со години го обвинува Хамас дека ги користи болниците во Газа како бази, дека копа мрежа од тунели под „Ал Шифа“ и дека ги користи болните како „човечки штит“. Хамас и меѓународните хуманитарни организации негираат дека болницата се користела за воени операции или како команден центар, а палестинското движење рече дека израелските снимки со запленето оружје се исценирани.
Хамас го обвинува Бајден
Хамас ги обвини Израел „и (американскиот) претседателот Бајден“ за упадот на израелската војска во болницата во којашто покрај повеќе од 600 пациенти има и околу 2.300 бегалци од израелските бомбардирања.
„Фактот што Белата куќа и Пентагон ги прифатија лажните тврдења на окупаторите дека движењето на отпорот го користи болничкиот комплекс Ал Шифа за воени цели ѝ даде одврзани раце на окупацијата да изврши други масакри врз цивили“, додаде во соопштението Хамас.
Министерството за надворешни работи на палестинските власти во средата ја обвини израелската армија за „јасно кршење“ на меѓународното право и побара „меѓународна интервенција за заштита на цивилите“.
Париз: Цивилите не треба да „плаќаат за злосторствата на Хамас“
Во средата Франција изрази „голема загриженост за израелските воени операции во болницата „Ал Шифа“ во Газа, велејќи дека палестинското население не треба „да плаќа за злосторствата на Хамас“.
„Не е дозволена никаква употреба на цивилна инфраструктура за воени цели“, соопштија од Кеј д’Орсеј.
Париз, исто така, „потсетува дека Израел мора безусловно да го почитува меѓународното хуманитарно право, кое конкретно предвидува заштита на болничката инфраструктура и секогаш и секаде бара јасни принципи на признавање, потреба, пропорционалност и претпазливост“.
ОН се згрозени од воениот упад во болницата, а Светската здравствена организација (СЗО) рече дека тоа е „целосно неприфатливо“ и со голем број партнери разгледува можност за евакуација на пациентите и медицинскиот персонал од болницата „Ал Шифа“ во Газа.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) потсетува дека „секогаш мора да бидат заштитени пациентите, медицинскиот персонал и цивилите“, додавајќи дека е во контакт со „надлежните органи“.
Јордан го обвини Советот за безбедност за „молчење“, „Тоа отиде предалеку“, оцени Норвешка
Израелската операција во „Ал-Шифа е слика на варварство што е можно благодарение на молкот на Советот за безбедност на Обединетите нацииН“, изјави јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади. „Овој молк опфаќа воени злосторства. Не може да се прифати или оправда. Советот мора да дејствува“, напиша тој на X.
„Ова отиде предалеку и не е прифатливо“, рече норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде во е-пошта испратена до AFP од неговите служби. „Ова ја отежнува и онака лошата хуманитарна ситуација во Газа“, посочува дипломатот.