Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави во вторникот дека Техеран не може да ги игнорира непријателските Соединети држави, како и дека мора трпеливо да се однесува со непријателските земји.
„Без разлика дали ни се допаѓа или не, мораме да се справиме со САД на регионалната и меѓународната сцена, па затоа е подобро сами да управуваме со тој однос“, рече Пезешкијан,кој се смета за релативно умерен лидер на Иран.
„Мораме да бидеме велијодушни кон нашите пријатели и трпеливи кон нашите непријатели“, додаде Пезешшкијан.
За време на неговиот последен мандат во 2018 година, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Техеран и светските сили, враќајќи ги строгите санкции како дел од неговата политика за „максимален притисок“ врз Иран.
Иако нема индиции дека некој во новата администрација на Трамп ќе се сретне со раководството на Иран по преземањето на функцијата во јануари, републиканецот за време на кампањата рече дека не сака да му наштети на Иран, но дека тој „не може да има нуклеарно оружје“.
За време на мандатот на актуелниот демократски претседател Џо Бајден започнаа неформални разговори меѓу Техеран и Вашингтон за заживување на нуклеарниот договор, но тие беа неуспешни.
Иран сè уште формално е дел од договорот, но се откажа од некои од своите обврски како одговор на американските санкции.
Портпаролката на иранската влада Фатемех Мохаџерани претходно во вторникот рече дека Иран ќе ги следи своите интереси кога ќе биде прашана за потенцијален состанок со администрацијата на Трамп.
Таа потсети дека конечната одлука за овие разговори ја донесува иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, заедно со Врховниот совет за национална безбедност.
„Кампањата на Трамп за максимален притисок не успеа, иако таа преставуваше товар за луѓето. Важни се постапките а не зборовите, но му препорачуваме на Трамп да ги земе предвид неуспесите на неговите минати политики“, заклучи Мохаџерани.