Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ) во четвртокот пресуди дека Вашингтон незаконски им дозволил на американските судови да ги запленат парите на иранските компании и им нареди на САД да исплатат компензација чиј износ ќе биде одреден подоцна.
Но од МСП, исто така, истакнаа дека немаат јурисдикција над замрзнатите, поточно запленети средства во износ од 1.75 милијарди долари на иранската централна банка, што е меѓу најголемите поединечни суми чиешто враќање го бара Техеран.
Техеран поднесе тужба против Вашингтон пред МСП во 2016 година тврдејќи дека со тој потег е прекршен договорот за пријателство од 1955 година, овозможувајќи им на судовите да ги запленат и замрзнат средствата и имотите на иранските компании.
На сослушувањата минатата година застапниците на САД тврдеа дека целиот случај треба да биде отфрлен, бидејќи Иран наводно има „валкани раце“ и оти заплената на средствата и имотите е резултат на наводното финансирање на тероризмот и оти тие пари треба да бидат употребени за компензации на жртвите од терористички напади.
Судот целосно ги отфрли таквите аргументи на Вашингтон. Техеран ги негира американските тврдења дека го финансира меѓународниот тероризам.
Споменатиот договор за пријателство од 1955 година е склучен многу пред исламската револуција од 1979 година со којашто беше соборен шахот кој беше сојузник на САД. Вашингтон се повлече од тој договор дури во 2018 година, откако веќе донесе одлука за заплена на иранските капитали.
Меѓународниот суд на правдата во Хаг сепак пресуди дека САД го прекршил договорот, затоа што тој бил на сила во времето на одлуката за замрзнување и заплена на имотите на иранските комерцијални компании и другите ирански субјекти.
Судиите, исто така, објаснија дека МСП не е надлежен над сопственоста на иранската централна банка од 1,75 милијарди долари кои ги замрзнале САД, бидејќи таа банка не е комерцијален ентитет, па оттаму не е заштитена со споменатиот договор.
Пресудите на овој суд се формално обврзувачки, но самиот суд нема алатки за нивно спроведување.