САД се обидуваат да ги убедат сојузниците од НАТО, дека Русија го прекршила Договорот за ракетните ситеми со кус и среден дострел, пишува московски Комерсант. Во вторник се очекува министрите за надворешни работи од земјите на Алијансата да донесат одлука со која ќе ја искритикуваат Москва поради непочитување на договорот.
Според пишувањата на рускиот весник, Вашингтон на земјите-членки на НАТО им споделил разузнавачки информации, односно сателитски снимки, според кои Русија го прекршила петтиот член од договорот, кој гласи: „да не се произведуваат ракети земја-земја, со опсег од 500 до 5500 километри“.
Инаку, претходно високи европски функционери ја осудија одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за напуштање на САД од овој договор.
Според извори на весникот, земјите од НАТО не се сомневаат дека САД се во право, а прашањето е само дали ќе решат да го потпишат текстот за евентуални санкции поради заканата од Русија. Американски воени лица тврделе дека Русија произведува ракети, со цел да ги нападне НАТО-членките.