Соединетите држави ќе испратат нов пакет воена помош во вредност од 300 милиони долари за Украина, соопшти во вторникот администрацијата на претседателот Џо Бајден, што е прв таков чекор по неколку месеци, бидејќи дополнителните средства за Киев беа блокирани во Конгресот од челниците на републиканците.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави на редовниот брифинг во вторникот дека средствата доаѓаат од неочекувани заштеди во договорите со Пентагон и ќе се користат за артилериски гранати и муниција за системите HIMARS со среден и долг дострел.
„Тоа не е ноиту одблизу доволно за да ги задоволи потребите на бојното поле на Украина и нема да спречи Украина да остане без муниција“, рече Саливан, додавајќи дека муницијата може да биде корисна само неколку седмици.
Претходно во вторникот за Reuters двајца функционери кои барале да останат анонимни најавија дека администрацијата на Бајден подготвува нов пакет воена помош за Украина во вредност до 400 милиони долари.
Ова е прв ваков потег по неколку месеци, додека дополнителните средства за Киев се блокирани во Конгресот од републиканските лидери.
Претседателот Џо Бајден ја поддржува Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, додека неговиот најверојатен ривал на претседателските избори во ноември, Доналд Трамп, има поизолационистички став. Неговите поддржувачи меѓу републикнаиц следниот пакет воена помош за Украина ја условуваат со издвојување средства за зацврстување на границата кон Мексико, преку која изминатите години нелегално во САД влегле милиони мигранти.
Претставничкиот дом е под притисок да одобри пакет помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Индо-Пацификот. И додека Сенатот со мнозинство на демократите даде зелено светло, претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон се спротивставува на ставање на законот на гласање.