Соединетите држави одобриле испраќање на напредните борбени авиони „F-16“ на Украина од Данска и Норвешка за одбрана од руските напади, веднаш штом ќе заврши обуката на пилотите, изјавил во четвртокот американски функционер пренесува Reuters.
Украина ги бараше борбените авиони „F-16“ од американско производство за да се спротистави на руската надмоќ во воздухот.
Вашингтон на Данска и Холандија ѝ дал службени гаранции дека САД ќе го забрзаат одобрувањето на сите потребни барања на трети страни за пренесување на авионите „F-16“ во Украина за земјата да ги добие кога пилотите ќе бидат обучени. Данска и Холандија, двете земји кои ја предводат коалицијата за обука, неодамна ги побарале таквите гаранции од САД.
Државниот секретар Ентони Блинкен им испратил писма на своите дански и холандски колеги по должност уверувајќи ги дека барањата ќе бидат одобрени, рекол американскиот функционер кој барал да остане неименуван.
„Ви пишувам за да ја изразам сета поддршка на Соединетите држави за префрлање на борбените авиони F-16 во Украина и за обука на украинските пилоти од страна на квалификуваните инструктори за F-16“, навел Блинкен во писмото до министрите за надворешни работи на Данска и Холандија, од кое копија имала на увид агенцијата Reuters.
„Од клучна важност е Украина да може да се одбрани од тековната руска агресија и кршењето на нејзиниот суверенитет“, напишал Блинкен.
Шефот на американската дипломатија рекол и дека одобрувањето за трети страни ѝ овозможува на Украина целосно да ги искористи своите нови можност штом првиот сет пилоти ќе ја завршат својата обука.
Американскиот претседател Џо Бајден ја одобри програмата за обука за украинските пилоти на „F-16“ во мај, но досега не е наведена временската рамка за испорака на борбените авиони.
Веста на Reuters доаѓа откако претходно портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Игнат за украинската телевизија изјави дека Киев престанал да се надева дека годинава ќе ги добие борбените авиони „F-16“ од американско производство, откако со месеци ги притискаше западните сојузници да ѝ ги испорачат напредните авиони за одбрана од руската инвазија.
„Очигледно е дека нема да можеме да ја браниме Украина оваа есен и зима со F-16. Постоеше голема надеж дека овој авион ќе стане дел од нашата противвоздушна одбрана и да нѐ заштити од ракетите и теророт на беспилотните летала од Русија“, изјави Игнат.
Истакна дека барем е постигнат одреден напредок, бидејќи украински пилоти и техничари ќе можат да ја започнат обуката на овие борбени авиони „во блиска иднина“.
Членките на НАТО, Холандија и Данска ја предводат западната коалиција од 11 земји за обука на укрински пилоти за летање со напредни западни борбени авиони, но обуката и не значи дека авионите „F-16“ навистина ќе бидат испорачани. Меѓутоа, ветената обука сѐ уште не е оранизирана, ниту вооопшто е одредена временска рамка за нејзино спроведување.
Ниту една земја сојузничка на Украина во војната против Русија досега не се обврза дека на Киев ќе му ги испорача овие авиони. Авионите од складиштата во Холандија, Белгија, Данска и Норвешка, наводно би можело да бидат испорачани подоцна, меѓутоа, исто така, не се споменуваат временски рокови за тоа.
Аналитичарите забележуваат дека воздушната поддршка особено ѝ недостасува на украинската војска во текот на долгонајавуваната противофанзива која започна на почетокот од јуни, но досега не даде повидливи напредувања. Според некои воени аналитичари, западните сојузници стравуваат од можните неуспеси на нивните борбени авиони на украинското боиште, што би предизвикало недоврба во западната воена опрема и следствено големи финансиски загуби за значајната наменска индустрија.