САД: Пет лица загинаа во пукање во училиште, меѓу кои и напаѓачот

Во пукање во христијанско училиште во Медисон, во американската сојузна држава Висконсин во понеделникот загинаа пет лица, вклучително и напаѓачот, а повредени се најмалку пет други, соопштија властите. Меѓу убиените има и деца.

Пукањето се случило во христијанското училиште „Abundant Life“, приватна институција во која учат околу 400 ученици од претшколска возраст до 12-то одделение, објави полицискиот оддел на Медисон на своите страници на социјалните мрежи.

Шефот на полицијата во Медисон, Шон Барнс, на прес-конференција рече дека најмалку пет лица се убиени, вклучувајќи го и напаѓачот, кого го идентификуваше како малолетник, кој бил пронајден мртов кога полицајците пристигнале во училиштето.

Најмалку пет лица се пренесени од местото на настанот во локалните болници, рече Барнс.

На видеото од местото на настанот кое е објавено на социјалните мрежи, може да се забележат екипи за итни случаи, вклучувајќи полиција, брза помош и пожарникари.

Засега не е соопштено кој е напаѓачот.

Контролата на оружјето и безбедноста на училиштата се едно од главните политички и социјални прашања во САД, каде што во последниве години има зголемување на бројот на престрелки во училиштата.

Само оваа година имало 322 престрелки во училиштата во САД. Ова е втор најголем број од 1966 година, надмината само со минатогодишниот број од 349 престрелки.