САД: Пјонгјанг лансирал балистичка ракета со среден дострел

Соединетите држави потврдија во петокот дека регистрирале лансирање на една севернокорејска балистичка ракета со среден дострел која го прелетала северниот дел на Јапонија, чекор на кој се реши Пјонгјанг и покрај заострувањето на меѓународните санкции и ескалацијата на воените тензии на Корејскиот полуостров, по неговото шесто и најмоќно досега нуклеарно тестирање изведено на почетокот од септември.

Северна Кореја во петокот рано утрото по локално време истерала проектил кој ги прелета јапонскиот остров Хокаидо и падна во морето, околу 2.000 километри источно од ’ртот Еримо. Ова е шести пат од 1998 година, Северна Кореја да лансира проектил над јапонската територија, а претходно тоа се случи на 29-ти август годинава.

Ракетата не претставувала опасност за северна Америка, ниту за пацифичката американска територија Гуам, истакна во писмена изјава Дејв Бенхам, портпарол на пацифичката команда на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп е информиран за најновото севернокорејско лансирање, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

САД побарале од Кина и од Русија да делуваат по најновото севернокорејско лансирање. „Кина и Русија мора да покажат дека не ги толерираат ваквите безобѕирни лансирања на ракети, самите преземајќи директни акции“, изјави американскиот државен секректар Рекс Тилерсон. Додаде дека Кина ја снабдува Северна Кореја со големи количества нафта, а дека „Русија е најголемиот работодавач за севернокорејската работна сила“.

Совететот за безбедност при ОН по најновото севернокорејско лансирање објави дека ќе одржи итна седница во петок во 19 часот по средноевропско време, соопштија дипломати за новинските агенции. Седницата се одржува на барање на САД и на Јапонија.

Јапонија најостро го осуди најновото лансирање и соопшти дека не сака да ги толерира повторените провокации, како и дека протестирал кај Северна Кореја.

Премиерот Шинзо Абе изјави дека Северна Кореја претставува закана за светскиот мир и истакна дека снакциите од ОН против Пјонгјанг мора цврсто да бидат наметнати. Јапонија „никогаш нема да ги толерира опасните провокативни акции на Северна Кореја кои му се закануваат на светскиот мир“, изјави за новинарите.

Портпаролот на владата во Токио, Јошохиде Суга, изјави дека Јапонија сака да дејствува заедно со САД, Јужна Кореја и другите земји „за на соодветен начин да се одговори“ на најновиот акт на Пјонгјанг.