Белата куќа денес ги повика милитантите на Хамас во Газа да ги ослободат жените, постарите и ранетите заложници и да прифатат привремен прекин на огнот во борбите со Израел, со цел да се обезбеди потраен прекин на огнот.
„Примирјето е на маса денес, за шест недели, за да се изгради во нешто потрајно доколку Хамас едноставно ослободи жени, ранети и постари лица“, изјави за новинарите советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан.
Израел ги прифати условите за шестнеделен прекин на огнот во замена за ослободување на некои од заложниците што ги држи Хамас од неговиот напад на 7 октомври врз јужен Израел, во кој беа убиени 1.200 луѓе.
Хамас вели дека ќе прифати само договор заснован на траен прекин на огнот, кој ја завршува војната и кој вклучува повлекување на израелската војска од Газа, наместо уште едно привремено примирје.
Според најновиот предлог, Израел ќе ги ослободи палестинските затвореници – 10 спрема еден – во однос на бројот на заложници на Хамас.
Хамас зароби најмалку 200 заложници на 7 октомври.
За време на еднонеделното примирје на крајот од ноември, Хамас ослободи повеќе од 100 израелски и странски заложници во замена Израел да ослободи околу 240 палестински затвореници.
„Решени сме да се обидеме да создадеме прекин на огнот најмалку шест недели, ќе излезат заложниците, а потоа ќе се обидеме да го изградиме тоа во нешто потрајно, но не можам да дадам никакви предвидувања за тоа каде ќе отиде ова“, рече Саливан.