Сoединетите држави подготвуваат нов пакет воена помош за Украина во вредност до 400 милиони долари, изјавиле во вторникот за Reuters двајца функционери кои барале да останат анонимни, додавајќи дека соопштението се очекува подоцна во текот на денот.
Ова е прв ваков потег по неколку месеци, додека дополнителните средства за Киев се блокирани во Конгресот од републиканските лидери.
Еден од изворите рекол дека финансирањето за новиот пакет воена помош доаѓа од заемите вратени на Пентагон за најновите набавки.
Претседателот Џо Бајден ја поддржува Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, додека неговиот најверојатен ривал на претседателските избори во ноември, Доналд Трамп, има поизолационистички став. Неговите поддржувачи меѓу републикнаиц следниот пакет воена помош за Украина ја условуваат со издвојување средства за зацврстување на границата кон Мексико, преку која изминатите години нелегално во САД влегле милиони мигранти.
Претставничкиот дом е под притисок да одобри пакет помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Индо-Пацификот. И додека Сенатот со мнозинство на демократите даде зелено светло, претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон се спротивставува на ставање на законот на гласање.