Американскиот претседател Доналд Трамп во средата објави дека во заливот Гвантанамо ќе биде подготвен објект за 30.000 мигранти, со кој ќе управуваат Пентагон и Министерството за домашна безбедност.
Во американската поморска база во споменатиот залив на Куба веќе е сместен објект за мигранти кој со децении се користи наизменично, вклучително и за сместување на Хаиќанци и Кубанци спасени на море.
„Денеска, исто така, потпишувам извршна наредба со која се упатуваат министерствата за одбрана и домашна безбедност да започнат со подготовка на притвор за мигранти од 30.000 лица во заливот Гвантанамо“, рече Трамп во Белата куќа.
Објасни дека објектот ќе се користи за „затворање на најлошите злосторнички илегални странци кои му се закануваат на американскиот народ. Некои од нив се толку лоши што дури и не им веруваме дека нивните земји ќе ги задржат бидејќи не сакаме да се вратат, па ќе ги испратиме во Гвантанамо. Со тоа веднаш че се удвои нашиот капацитет, зарем не? Веднаш и силно“.
Затворот Гвантанамо беше основан во 2002 година од тогашниот претседател Џорџ В. Буш за странски осомничени исламистички милитанти по нападите врз Соединетите држави на 11 септември 2001 година. Во него сè уште има 15 затвореници.
Но објектот за мигранти е одделен од тој озлогласен затвор со висока безбедност за странците осомничени за тероризам.
Во вторникот, американската војска објави дека ќе им дозволи на имиграциските и царинските служби да приведуваат мигранти во базата ан вселенските сили Бакли во сојузната држава Колорадо.
Одлуката е донесена откако Трамп претходно нареди депортација на мигрантите од земјата со американски воени летови и распоредување на нешто повеќе од 1.600 војници на границата со Мексико.