САД подготвуваат план во случај Зеленски да ја напушти Украина

Американскиот Стејт департмент, Пентагон и други американски агенции подготвуваат сопствени планови за дејствување доколку владата на украинскиот претседател Владимир Зеленски мора да ја напушти Украина, вклучително и сценариото во кое Зеленски ќе воспостави украинска влада во егзил во соседната Полска, пишува весникот The Washington Post.

Според сознанијата на весникот, во САД се изработуваат планови во случај „доколку владата на Зеленски мора да побегне од главниот град (Киев) или од земјата“.

„Ние правиме планови за вонредни ситуации за секој можен евентуален случај“, изјавил за весникот неименуван функционер од американската администрација кој не го отфрла ниту сценариото во коешто Зеленски ќе формира „влада во егзил“ во Полска.

Во написот се забележува дека Зеленски веќе разговарал со американските функционери за нивниот предлог да се префрли од Киев во Лвов, на западот од Украина и поблиску до полската гранциа. Според неименуван висок украински функционер, обезбедувањето на украинскиот претседател е подготвено брзо да го префрли него и членовите на неговиот кабинет.

„Досега тој (Зеленски) одбива да замине“ од Киев, изјавил украинскиот функционер кој го цитира весникот.

Покрај тоа, пишува натаму The Washington Post, европски дипломати, исто како и нивните американски колеги, „почнуваат да се подготвуваат како да ја поддржат украинската влада“ доколку „падне“ Киев.

Според неименуван висок европски дипломат, претходно изгласаната резолуција на Генералното собрание на ОН за осуда на руската агресија служи како елемент за „поставување на основата“ за признавање на администрацијата на Зеленски како легитимна влада на Украина и за одржување на таа влада „на површината“, дури и доколку таа не ја контролира територијата на земјата.