Американскиот адвокат Кевин Карол изјави дека е покрената судска постапка против либискиот воен лидер Калифа Хафтар поради извршени воени злосторства.
– Хафтар ќе биде казнет за извршени злосторства, истакна Карол, претставник на адвокатска канцеларија со седиште во Вашингтон, додавајќи дека постапката е покрената во име на семејствата кои преживеале „ужасни тортури“ во Либија.
Нагласувајќи дека Хафтар има американско државјанство и поседува огромен имот на тој простор, адвокатот истакна дека либискиот воен лидер и неговите блиски соработници ќе се пресметаат со судството на САД.
– Еден од клиентите е државјанин на САД со либиско потекло, кој за време на кризата во Либија се обидел да го заштити својот дом. Во бомбардирањето во текот на граѓанската војна бил тешко повреден и во таква состојба силите на Хафтар го уапсиле и малтретирале со денови, нагласи Карол.
Тој изјави дека тоа претставува кршење на Третата и Четвртата женевска конвенција и Хафтар како војник е одговорен за сите извршени злосторства.
Адвокатот додаде дека Хафтар не е државен функционер и нема имунитет, оценувајќи дека треба да дојде на судењето во Вирџинија и да се соочи со злосторствата за кои е обвинет.
Против Хафтар досега се покренати три судски постапки.