Американската амбасадорка при Обединетите нации, Ники Хејли, изјави дека Вашингтон ќе ги употреби своите „значителни воени сили“ во Северна Кореја доколку биде принуден на тоа, откако Пјонгјанг во вторникот изврши тестирање на интерконтинентален балистички проектил.
Младиот комунистички челник на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, изјави во вторникот дека ласнирањето на проектилот на 4 јули, на американскиот државен празник, е „подарок за американските градови“.
„Соединетите држави се подготвени да искористат цела лепеза од своите средства“, вклучително и воени за да се одбранат, изјави постојаната претставничка во светската организација Ники Хејли во говорот на вонредната седница на Советот за безбедност при ОН ноќта кон четвртокот по средноевропско време, додавајќи дека сепак повеќе би сакала работите „да не се движат во таа насока“.
Амбасадорката истакна дека САД, со поддршка на Франција, ќе им предложат на ОН нови санкции против Северна Кореја.
„Следните денови ќе претставиме резолуција, којашто ќе претставува одговор на ескалацијата од страна на Северна Кореја“, додаде Хејли.
Меѓутоа, Русија како постојана членка на Советот за безбедност на ОН која располага со правото на вето, веднаш предупреди дека ќе се спротистави на новите санкции и особено на воениот одговор.
„Сите мора да признаат дека санкциите нема да го решат проблемот“, изјави помошникот на рускиот амбасадор во ОН, Владимир Шафронков, додавајќи дека е „неприфатлив секој обид за оправдување на военото решение“.