САД повлекуваат дел од војниците од Ирак

Американската војска објави во средата дека подоцна овој месец ќе ја намали воената присутност во Ирак од 5.200 до 3.000 војници, што беше долго најавувано, а во август агенцијата Reuters објави дека се очекува контингентот на САД да биде намален за третина.

Во Ирак во моментов САД имаат распоредено 5.200 војници поради борбата против радикалната групација Исламска држава. Функционери на меѓународната коалиција во оваа блискоисточна земја велат дека ирачките сили сега главно можат самите да се справуваат со остатоците на терористичката мрежа.

„Продолжуваме да ги јакнеме програмите за развој на капацитетите на нашите партнери кои ги зајакнуваат ирачките сили и ни овозможуваат да го намалиме своето воено присуство во Ирак“, изјави генералот на американските маринци Френк Меккензи, командант на американската здружена команда во текот на посетата на Ирак.

Висок функционер на американската администрација најави во вторникот дека претседателот Доналд Трамп ќе ја објави одлуката за намалувањето на американски војници. САД и Ирак објавија во јуни дека имаат намера да го намалат бројот на американските војници во земјата во претстојните месеци, без планови дека САД ќе задржат постојани базили или постојано воено присуство.

Во 2016 година во својата изборна кампања Трамп истакнуваше дека ќе стави крај на американските „бескрајни војни“ и постепено го намали бројот на американските војници во Авганистан, Ирак и Сирија. Во август на средбата со ирачкиот премиер, американскиот претседател повтори дека ќе ги повлече американските трупи од Ирак. Ирачкиот парламент претходно годинава изгласа дека странските војници треба да ја напуштат земјата, како и американските така и војниците од другите земји во коалициајта и да започнат со постепеното повлекување.