САД повторно ќе ги отворат граничните премини бидејќи илегалната имиграција се намалува

Соединетите држави во четврток повторно ќе отворат четири легални гранични премини меѓу САД и Мексико, бидејќи бројот на илегални имигранти се намалува, изјави висок американски претставник.

САД повторно ќе го отворат меѓународниот мост Игл Пас во Тексас, два премина во Аризона и уште еден во близина на Сан Диего, во Калифорнија, изјавил неименуван функционер за новинарите.

Американските погранични власти во декември имаа проблеми со обработката на мигрантите, при што бројот на апсења достигна речиси 11.000 за само еден ден, за што неколку сегашни и поранешни функционери рекоа дека е рекорден или речиси рекорден број.

Минатата седмица мексиканските и американските функционери ветија дека ќе соработуваат подобро за да се справат со рекордниот број мигранти на нивната заедничка граница, откако највисоките американски претставници го посетија Мексико и се сретнаа со мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.

Мексиканските власти ги засилија граничните контроли и мерките во последниве седмици, вклучително и преместување на мигрантите во јужно Мексико и продолжување на летовите за депортација во Венецуела, изјави друг американски официјален претставник, пренесува Reuters.

Американските погранични власти во текот на изминатата недела приведоа во просек по 6.400 мигранти дневно, покажа внатрешен извештај на американската влада до кој дојде Reuters, што е значителен пад во однос на периодот пред католички Божик.

Американски функционер во разговор со новинарите предупредил дека бројот на мигранти претходно бил намален во периодот меѓу Божик и Нова година. Сите функционери одговориле на брање за коментар со агенцијата под услов да останат анонимни.

Законодавците во американскиот Конгрес сè уште разговараат за можноста за договор што ќе ги комбинира зголемените мерки за безбедност на границата со странска помош, вклучително и воено финансирање за Украина, рекле функционерите.