САД повторно го одложија тестирањето на интерконтинентална ракета

Американската армија повторно го откажа тестирањето на својата интерконтинентална балистичка ракета (IBCM) наречена LGM-30G Minuteman III“, која првично требаше дамо да биде одложена во обидот да ги намали нуклеарните тензии со Русија за време на војната во Украина, пренесуваат во петокот американските медиуми.

Портпаролката на американските воздухопловни сили Ен Стефанек за Reuters потврдила дека САД повторно го откажале тестирањето на споменатиот проектил поради избегнување на растечките тензии со Русија.

„Воздухопловните сили се убедени во подготвеноста на стратешките сили на САД“, рекла Стефанек и додала дека тестирањето треба да се одржи подоцна до крајот годинава.

Челникот на Пентагон, Џон Кирби на 2-ри март објави дека САД го одложиле тестирањето на новата интерконтинентална ракета којашто може да понесе нуклеарни боеви глави, за да покажат дека Вашингтон нема планови за зголемување на нивото на готовност на нуклеарните сили. Претходно на руската армија тоа ѝ го наложи рускиот претседател Владимир Путин по започнувањето на воената офанзива во Украина, воведувањето на западните санкции и зголемувањето на силите на НАТО во источна Европа.

Вашингтон тогаш рече дека е важно и САД и Русија „да го имаат предвид ризикот од погрешна пресметка и да преземат чекори за да ги намалат тие ризици“. Но ја прецизираше својата намера само да го одложи тестирањето „за кусо време“ а не и да го откаже.

Тогаш од Пентагон прецизираа дека американските воздухопловните сили тестират четири ракети „Minuteman III“ годишно во базата во сојузната држава Калифорнија. Тестирањата се планираат и најавуваат однапред за да се избегнат погрешни пресметки, и притоа со празни боеви глави се гаѓаат цели во Тихиот Океан.

Во прилогот на Reuters, меѓутоа, се наведува и дека промената на распоредот на тестирањето на интерконтиненталниот проектил може да биде и контроверзна. Водечкиот републиканец во Комитетот за вооружените сили во Сенатот, Џим Инхоф, во март изрази разочарување од одложувањето на тестирањето за што рече дека е клучното за да се осигури дека американското нуклеарно одвраќање е и натаму ефикасно.

Џефри Луис, истражувачки аналитичар за проектили во Центарот за неширење на оружјето (CNS) „Џејмс Мартин“, не смета дека откажувањето на тестирањето ќе има негативно влијание.

„Тестирањата имаат своја важност, но не мислам дека пропуштањето на еден тест во големата шема на активностите е навистина голема работа“, вели Луис додавајќи дека „Minuteman III“  е „исклучително сигурен“.

Проектилот „Minuteman III“, кој има нуклеарен капацитет, е клучен дел од стратешкиот арсенал на американските вооружени сили и има дострел поголем од 9.600 километри, а брзината на летот е 24.000 километри на час. Ракетите се лансираат од утврдени подземни силоси од екипи за лансирање.