САД ѝ предложиле на Русија разговори за инспекции во базите на НАТО во Полска и Романија

/ AFP / DANIEL MIHAILESCU

Вашингтон ја известил Москва за подготвеноста да се дискутира за можноста Русија да изврши инспекција во базите на НАТО во Полска и Романија за присуство на крстосувачки ракети од типот „Tomahawk“, објави во вторникот на Twitter Џенифер Џејкобс, новинарка на агенцијата Bloomberg.

„САД го известиле Кремљ дека се подготвени да разговараат за можноста на Русија да ѝ се овозможи да потврди дека крстосувачките ракети ‘Tomahawk’ не се распоредени во базите на НАТО во Романија и Полска, под услов Русија да обезбеди слични информации за одредени бази на руска територија“, наведува Џејкобс без да ги открие своите извори.

 

Еден од соговорниците на новинарката истакнал дека каков и да е договор за таквата можност ќе биде постигнат дури по разговорите со сојузниците, во прв ред Полска и Романија,

Во сторијата објавена на веб-страницата на агенцијата Bloomberg се наведува дека предлогот на Вашингтон има цел да ги смири загриженостите на Москва дека лансирните системи можат да бидат употребени против Русија.

Претходно рускиот претседател Владимир Путин изјави дека лансерите „Mk41“ стационирани во Романија и планирани да бидат распоредени во Полска, се прилагодени за користење на офанзивните системи „Tomahawk“, и според него тоа создава „сериозен предизвик“ за безбедноста на Русија покривајќи илјадници километри од нејзината територија.

Романското национално радио претходно во вторникот објави дека САД и Романија ѝ понудуле на Русија да се извршат меѓусебни инспекции на локациите каде се распоредени балистички ракети.

И весникот The Wall Street Journal, повикувајќи се на свои извори, објави дека САД и нивните европски партнери разговарале за идејата да ѝ се овозможи на Русија инспекција на одбранбените системи во Полска и Романија. Според весникот, полските власти изјавиле дека се подготвени за руски инспекции во објектите на американската противвоздушна одбранм во Романија и Полска, додека Москва дозволи инспекции на „ракетните активности“ во Калининград.

Ваквите контакти доаѓаат во атмосферата на ескалацијата на тензиите меѓу Западот и Русија околу Украина, при што Москва предложи кон крајот на минатата година на САД и НАТО нацрт-договор за осигурување на руската безбедност.

Руските предлози за договорот кој би требало да ги гарантира безбедноста на Русија и стабилноста и мирот во Европа, меѓу другото содржат: престанување на полтиката на ширење на НАТО, гаранција дека нема да разместуваат офанзивно и стратешко оружје во близина на руските граници и повлекување на Алијансата на границите пред 1997 година, односно пред примањето во членство на поранешните членки на Варшавскиот договор, воениот блок педводен од некогашниот Советски сојуз.

САД о НАТО го отфрлија руските предлози за постигнување договор за запирање на политиката на Алијансата за ширење кон нејзините гранции, во прв ред со примање во членство на Украина и Грузија, но се согласни за преговори за разместување на ракетните арсенали и меѓусебно ограничување на воените маневри.