Амбасадата на САД во Анкара ги предупреди американските државјани во Турција да бидат внимателни поради можни терористички напади во текот на утрешниот ден, кога земјата го одбележува Денот на сеќавање на Кемал Ататурк и Празникот на младите и спортот, објави денеска електронското издание на весникот „Хуриет“.
Во соопштението, објавено на интернет страната на Амбасадата, се посочува дека американските туристи би можеле да бидат потенцијална цел на терористички организации во Турција, па затоа им се препорачува на државјаните на САД сериозно да ги имаат предвид ваквите предупредувања во врска со нивната безбедност.
Во исто време, како што јави Анадолија, и турската полиција издаде предупредување за можни напади од страна на групата Исламска држава на 19 мај.
Во предупредувањето, кое се однесува за сите 81 окрузи во Турција, се наведува дека ИД ги смета турските војници и полицајци за неверници, па затоа им дозволува на нејзините припадници да ги убиваат.