САД против јакнењето на медиумите во Австралија во преговорите со дигиталните гиганти

Американската администрација на заминување побарала од Австралија да го повлече предлог-законот со кој би се засилила позицијата на медиумите со американските дигитални гиганти Google и Facebook за плаќање на медиумските содржини.

Во поднесокот со кој од владата во Камбера се бара „запирање“ на усвојувањето на планираниот закон, претставниците на американската влада Даниел Бахар и Карл Ихлерс ѝ сугерираат на австралиската влада наместо тоа „дополнително да го проучи пазарот и, по потреба, да изработи доброволен кодекс“.

Споменатиот предлог-закон има широка политичка поддршка во Австралија и во моментот е предаден на читање во австралискиот Сенат. Со него им се наложува на најголемите играчи на дигиталниот пазар, како што се Google и Facebook, доколку не успеат да постигнат договор со медиумите за цената на објавената содржина, да прифатат арбитража. Со тоа владата сака да ја зајакне позицијата на австралиските медиуми во преговорите со дигителните компании.

„Американската влада стравува дека обидот со закон да се регулираат конкурентските позиции на одредени играчи…, очигледно е на штета на двете американски компании, и би можел да резултира со штетен исход“, стои во документот кој е насловен со извршната канцеларија на претседателот.

Таквиот потег, исто така, би можел да „предизвика загриженост во поглед на меѓународните трговски обрски на Австралија“, се додава во документот.

Австралиската влада го најави овој закон во декември 2020 година, откако со истрагата било утврдено дека технолошките гиганти имаат преголема моќ на медиумскиот пазар, што би можело да претставува и закана за демократијата.

Запрашан за коментар на американскиот документ, австралискиот министер за финасии Џош Фриденберг во писмена изјава вели дека владата ќе „продолжи со усвојување на законот“ со кој ќе се решат проблемите на „нерамнотежа на преговарачките позиции на дигиталните платформи и медиумските компании“, пренесува Reuters.

Кодексот се надоврзува на 18-месечната анализа на австралискиот регулатор за заштита на пазарната конкуренција и потрошувачите (ACCC) и „опсежната консултација“, која ги вклучувала и ставовите на Google и Facebook, додава Фриденебрг.

Регулаторната истрага открила дека од секои 100 американски долари потрошени на огласување на интернет, 53 долари одат за Google, 28 долари за Facebook, а 19 долари за медиумските компании.