![UN Security Council Meeting on Ukraine](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/03/sovet-za-bezbednost-on.jpg?resize=696%2C443&ssl=1)
САД во петокот се спротиставија на носењето заедничка изјава во Советот за безбедност при Обединетите нации во којашто се изразува поддршка за договорот кој го постигнаа Русија и Турција за сириската покраина Идлиб, а која ја побара Москва, соопштија дипломати за светските новински агенции по состанокот кој се одвиваше зад затворени врати.
„Прерано е за тоа“, оценил претставникот на САД кога рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, кој го побарал одржувањето на состанокот, ги повикал 14-те постојани и непостојани земји членки на Советот за безбедност да ја прифатат заедничката изјава, соопштиле за AFP дипломати кои сакале да останат анонимни.
„Повеќе земји позитивно го оценија“ договорот кој Русија и Турција го постигнаа во четвртокот, истакна по средбата за новинарите амбасадорот Небензја. „Ја посакувавме изјавата, но поради ставот на една делегација тоа не беше можно“, додаде.
„Има низа прашања за начинот на кој (договорот) ќе фунционира во праксата, кој ќе го надгледува. Кој ќе надгледува што се случува западно од Алепо и, уште поважно, дали сириската влада официјално го одобрила (руско-турскиот договор) и дали ќе го применува“, изјави британската амбасадорка Карен Пирс чијашто земја инаку отворени дејствуваше и воено во обидот за соборување на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
„Нѐ загрижуваат милионите луѓе кои патат и би сакале примирјето да ги опфати безбедносните зони во кои луѓето може да се вратат и да преживеат. Мораме да видиме дали тоа ќе функционира“, изјави германскиот амбасадор во ОН, Кристоф Хеугсен, чијашто замја, пак, не може да има место како постојана членка во Советот за безбедност на светската организација.
Европските земји на состанокот предложиле дополни на рускиот текст, но Русија не сакала да влегува во долги преговори, рекле дипломати.
Рускиот текст кој AFP го имала на увид имал пет точки, а започнувал со повикување на „територијалната целост“ на Сирија и истакнување на фактот дека членовите на Советот за безбедност „позитивно ги оценуваат“ резултатите од руско-турскот самит одржан во четвртокот.
Во рускиот документ, во кој според дипломатите не се споменувала хуманитарна криза, се наведува дека „судирот не треба да се решава по воен пат“, дека „сите заинтересирани страни се повикува на целосна примена на примирјето“ и дека решението се темели на политички процес кој ќе го спроведат самите Сиријци под покровителство на ОН.
Во северозападната сириска покраина Идлиб, каде што со месеци се водат борби, во петокот владееше мир, ден по договорт за примирјето во покраината каде што владата во Дамаск настојува да ги врати под контрола областите кои сѐ уште се под контрола на бунтовниците кои ги поддржува Анкара или на џихадистичките организации.
Примирјето коешто стапи на сила на полноќ кон петокот е резултат на договорот на Русија и Турција, коишто во сирискиот конфликт поддржуваат спротиставени страни. Примирјето било почитувано во текот на денот, јави опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) чиешто седиште е во Лондон, како и новинарите на AFP од теренот. Сириската службена новинска агенција SANA, исто така, извести дека „мирот владее“ во целата покраина.
Примирјето треба да претставува крај на судирите во кои се убиени над 500 цивили, наведува SOHR, а речиси милион луѓе се раселени, откако на почетокот од декември започна новата офанзива на сириските владини сили во оваа покраина, според податоците на ОН.
Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор во петокот на сирискиот претседател Башар ал-Асад му рекол дека договорот меѓу Русија и Турција ќе го стабилизира регионот, пренесе агенцијата РИА.
Асад, кој распиша избори кои треба да се одржат на 13-ти април, исходот од преговорите го оцени како „изразено позитивен“ и ја „изрази својата благодарност за рускиот претседател за поддршката во борбата против терористичките групации“, соопшти Кремљ.