САД работат на извлекување на соборениот кинески балон

Соединетите држави работат на извлекување на наводниот кинески шпионски балон кои беше соборен од борбен авион во близина на брегот на сојузната држава Јужна Каролина, соопшти Пентагон во неделата.

Американски борбен авион од типот „F-22“, според некои медиумски извештаи, со два проектила во саботата го собори балонот за кој Кина тврди дека биле метеоролошки и за научни истражувања крај брегот на Јужна Каролина, како што сега се испоставува една седмица откако влегол во воздушниот простор на САД и надлетал важна воена база во сојузната држава Монтана каде што се чуваат 150 интерконтинентални балистички проектили со нуклеарни боеви глави.

„Нашата морнарица во моментов спроведува операција на извлекување, а Крајбрежната стража помага во обезбедување на областа и одржување на јавната безбедност“, изјави генералот Глен ВанХерк, командант на Командата на воздушната одбрана на Северна Америка и на Северната команда на САД.

Интересно е што американскиот министер за одбрана Лојд Остин претходно изјави дека американската војска собрала „драгоцени“ разузнавачки податоци со проучување на балонот, истовремно кога американската армија претходно во саботата соопшти дека се трага по важните делови и оти ќе биде направен обид во најскоро време да бидат склопени остатоците од леталото за да бидат проучени.

„Потрагата е во тек. Колку таа ќе трае допрва треба биде утврдено“, изјави за новинарите во саботата неименуван висок функционер на одбраната на САД, додавајќи дека остатоците биле лоцирани во релативно плитки води.

Висок воен функционер, пак, рекол дека предвидува оти повторното составување на балонот нема да трае со седмици или месеци, туку дека ќе се одвива релативно брзо.

Кина тврди дека тоа е балон што се користи за метеоролошки и други научни истражувања и дека заталкал во воздушниот простор на САД „сосема случајно“ и под дејство на силни ветрови, што американските власти го негираат.

Претседателот Џо Бајден во саботата изјави дека наредил да се спушти балонот додека преминал во Монтана во средата, но Пентагон му препорачал да почека додека не биде над отворено море за да ги заштити цивилите.