Соединетите држави размислуваат да испратат маринци на Хаити, поради влошената безбедносна ситуација во земјата, изјави портпаролот на Јужните поморски сили Мејсон Енглхарт.
-Распоредувањето на тимот ФАСТ (FAST) е една од опциите што ги има Министерството за одбрана доколку Стејт департментот побара безбедносна поддршка од американската амбасада во Порт-о-Пренс, рече тој.
Антитерористичките безбедносни тимови на Маринскиот корпус, познати како ФАСТ, се распоредени ширум светот во ограничен временски период за заштита или враќање на американските средства.
Во средата американската амбасада на Хаити ги повика Американците што поскоро да ја напуштат земјата.
Банди на Хаити извршија големи вооружени напади во текот на ноќта врз неколку владини згради, вклучувајќи ја и претседателската палата во Порт-о-Пренс, соопштија безбедносни извори.
Главниот град на Хаити со денови е зафатен од бран на добро координирани напади врз органите на редот и државните институции, чија цел е да се собори владата на премиерот Ариел Хенри.
Пукањето во центарот на главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс и во областа на меѓународниот аеродром во градот започна на 29 февруари, додека премиерот Ариел Хенри беше во официјална посета на Кенија, обидувајќи се да ги финализира деталите за распоредувањето на странски вооружен контингент до Хаити за борба против бандите.
Во 2023 година, повеќе од 8.400 луѓе на Хаити беа убиени, повредени или киднапирани, што е двојно повеќе од бројот во 2022 година. ОН проценуваат дека на речиси половина од 11-те милиони Хаити им е потребна хуманитарна помош.