Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен денеска изјави дека смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални е „ужасна трагедија“ и додаде дека се поставува прашање за тоа што навистина се случило.
„Доколку веста се потврди, ова е ужасна трагедија. Со оглед на долгата историја на руската Влада која им нанесуваше штета на своите противници, се поставува очигледното прашање што тука се случи“, рече Саливан за американската државна радио станица NPR.
Наведе дека нема натаму да ја коментира веста за смртта на Навални додека Америка не добие потврда за тоа.
Истовремено американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека Русија е одговорна за смртта на опозицискиот политичар Алексеј Навални, доколку веста за неговата смрт е точна.
„Прво и најважно, ако оваа вест е точна, нашите мисли се со неговата сопруга и неговото семејство“, рече Блинкен во Минхен, каде што присуствува на безбедносна конференција.
Додаде дека Навални умрел во руски затвор и дека „фиксацијата и стравот од еден човек ја нагласуваат слабоста и трулежот во срцето на системот што го изгради Путин“.
„Русија е одговорна за тоа. Ќе разговараме со многу други земји кои се загрижени за Алексеј Навални, посебно ако овие извештаи се потврдат како вистинити“, рече Блинкен.
Канцеларијата на Федералната казнено-поправна служба на Русија за автономниот округ Јамало-Ненецки денеска соопшти дека по прошетка, Навални се чувствувал лошо и изгубил свест, по што бил неуспешно реанимиран, а причината за смртта се утврдува.
Навални отслужуваше севкупна 30-годишна затворска казна во рускиот регион прво за финансиски малвезрзации и заобиколување на даноците, па за прекршување на условното ослободување и непочитување на судот, а потоа и за екстремизам, а овој опозициски блогер беше познат како остар критичар на Кремљ, но никогаш немаше артикулирано политичка формација околу себе.