Соединетите држави во саботата додадоа нов сектор, за мигрантите и бегалците, на долгата листа меѓународни проекти и договори од кои американскиот претседател Доналд Трамп се одлучи да ја повлече земјата, што ги разочара приврзаниците на таканаречениот „мултилатерализам“.
„Американската мисија при Обединетите нации го извести нивниот генерален секретар дека САД го прекинуваат учеството во Светскиот пакт за миграцијата“, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Во септември 2016 година 193 членки на Генералното собрание на ОН едногласно го усвоија текстот наречен Декларација од Њујорк за бегалците и имигрантите со коишто се има цел да во иднина да се подобри нивната положба на меѓународно ниво, во прифаќањето, помошта при враќањето итн.
Врз основа на оваа Декларација високиот комесар за бегалци требаше да предложи Светски пакт за мигрантите и бегалците во годишниот извештај пред Генералното собрание на ОН во 2018 година. Пактот би требало да почива на две точки: одредување на рамката на одговорот на проблематиката и програма за дејствување.
„Декларацијата од Њујорк опфаќа неколку одредби кои не се во согласност со американската имиграциска и бегалска политика, како и со принципите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп во областа на имиграцијата“, појасни во соопштение мисијата на САД при ОН, без да наведе за кои станува збор.
„Последично, претседателот Трамп одлучи да го прекине учеството на САД во подготовката на Пактот кој сака да добие консензус во ОН во 2018 година“, се додава во објавата.