Предложениот мировен договор предвидува повлекување на илјадници американски трупи од Авганистан во замена за ветување од Талибанците дека ќе се откажат од Ал Каеда, јавуваат медиумите во САД.
Според американските медиуми, воените трупи на САД ќе се намалат од 14 000 на 8-9 000 војници.
Според договорот, се бараат директни преговори со владата во Кабул, кои милитантите ги нарекуваат „режимски марионети“.
Со договорот драстично ќе се намали и бројот на персоналот во американската амбасада во Кабул и бројот на безбедносните лица, објави Си-Ен-Ен.
Извештајот доаѓа откако Залмај Калилзад, специјалниот претставник на САД за помирување во Авганистан, во средата рече дека САД се подготвени да го „склучат договорот“ доколку Талибанците дадат свој придонес во унапредувањето на преговорите меѓу двете страни.
Соединетите држави и Талибанците одржуваат состаноци од минатата година, во надеж за мирно решавање на авганистанскиот конфликт, а за неколку дена треба да започне нова рунда разговори во Доха.