На листата на најсилни национални оружени сили на Глобал фајрпауер, Соединетите Американски Држави ја заземаат првата позиција, додека Србија е лидер во регионот на 58-то место. Македонската војска е на 108 позиција.
Врз основа на фактори како количеството воена опрема и војници на секоја земја, но и нивната финансиска ситуација, логистичките капацитети и географските услови, меѓу другото, се генерира оценката „индекс на сила“, при што пониска оценка укажува на посилна војска, објаснува Бизнис инсајдер.
Најсилната војска во светот ја имаат САД, потоа следи, со многу мала разлика, Русија, па потоа Кина, Индија, Британија, Јужна Кореја, Пакистан, Јапонија, Франција и Италија.
По сите вложувања на западните земји во војската на Украина, таа на овој список се најде на 15-то место.
Од земјите во регионот Србија на листата е највисоко, на 58 позиција, а зад неа се Хрватска на 69, Словенија на 86, Албанија на 91 место, Македонија на 108, Црна Гора на 128, а БиХ се наоѓа на 133 позиција.
„САД го заземаа првото место бидејќи покажуваат најдобри бројки во клучните материјални, финансиски и ресурсни категории“, соопшти Глобал фајпауер.
Се истакнува дека на американската војска ѝ е доделена оценка 0,0712 „индекс на сила“. Со 92 разурнувачи, 11 носачи на авиони, 13.300 авиони и 983 борбени хеликоптери, според податоците од април 2023 година, таа земја е рангирана прва во многу категории, вклучувајќи ја големината на флотата авиони, бројот на воени бродови и силата на транспортната флота. Исто така, САД имаат значително најголем одбранбен буџет од 761,7 милијарди долари, што е тројно повеќе од Кина, која според буџетот за одбрана е на второто место со 230 милијарди долари.
Во прегледот за 2023 година Глобал фајрпауер разгледувал 145 светски војски.