![sad zname](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/09/sad-zname.jpg?resize=648%2C377&ssl=1)
Американскиот Стејт департмент изрази разочараност што Европскиот совет не ги прифати „многу силните реформски напори” на Македонија и нa Албанија и не постигна согласност за започнување пристапни преговори со двете земји.
Во соопштението се нагласува дека САД ја поддржуваат посветеноста на Македонија и на Албанија на трансатлантска интеграција и нивните аспирации за влез во Европската Унија и се изразува надеж дека Европскиот совет ќе постигне консензус за позитивна одлука за преговори со двете држави пред самитот ЕУ – Западен Балкан во мај идната година.
Стејт департментот посочува дека САД ќе останат стратешки партнер на двете земји сѐ додека тие работат на зајакнување на владеењето на правото, справувањето со корупцијата, развојот на нивните економии и борбата против организираниот криминал.
„Ние ги охрабруваме двете држави да останат цврсто на патот на градењето на транспарентно, праведно и демократско општество во согласност со потребите на нивните граѓани. САД ќе продолжат да работат со европските партнери за да ги унапредат заедничките цели за стабилност и безбедност на Западен Балкан“, се додава во соопштението на Стејт департментот, по вчерашната одлука на лидерите на ЕУ.