Соединетите држави сè уште не добиле одговор од Хамас на предлогот за прекин на огнот доставен до ова палестинско милитантно движење минатиот четвртокот, изјави за новинарите во понеделникот портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Милер рече дека е целосно уверен оти Израел се согласува со прекинот на огнот. Помошник на премиерот Бенјамин Нетанјаху во неделата потврди дека Израел „привремено“ го прифатил договорот за ставање крај на војната во Газа за кој се залагаше американскиот претседател Џо Бајден, иако истакан дека е „погрешен“ и дека „на него треба уште многу да се работи“.
Во интервју за британскиот весник The Sunday Times, Офир Фалк, главниот советник за надворешна политика на Нетанјаху, рече дека предлогот на Бајден е „договорот на кој се согласивме – не е добар договор, но навистина ни е грижа за ослободувањето на заложниците, сите“.
„Има многу детали што треба да се разработат“, рече Фалк, додавајќи дека условите на Израел, вклучително и „ослободувањето на заложниците и уништувањето на Хамас како геноцидна терористичка организација“, не се променети.
Во петокот, Бајден го претстави својот план, кој го достави до владата на Нетанјаху, за ставање крај на војната. Станува збор за план чие псроведување предвидува три фази: шестнеделен прекин на огнот, потоа преговори за условите за траен прекин на непријателствата и голем план за обнова на Појасот Газа.
Првата фаза од планот бара враќање на дел од заложниците кои ги држи Хамас, по што во втората фаза ќе бидат ослободени останатите заложници.
Палестинската страна бара и ослободување на бројни Палестинци, главно малолетници и жени, од израелските затвори. Хамас во петокот објави дека позитивно гледа на содржината на предлогот на американскиот претседател Џо Бајден за траен мир во Газа.
Министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Египет во понеделникот соопштија дека е важно „сериозно и позитивно да се постапи“ со предлогот на американскиот претседател Џо Бајден, кој треба да доведе до прекин на огнот во Газа, објави саудиската државна новинска агенција SPA.
Министрите за надворешни работи одржаа виртуелен состанол на кој разговараа за предлогот, со посреднички напори на Катар, Египет и САД, да се постигне договор за размена на израелско-палестински затвореници што ќе доведе до траен прекин на огнот и влез на доволна помош во Газа, се додава во инфорамцијата на SPA.
Челниците од земјите на групата Г7 „целосно го поддржуваат и ќе застанат зад сеопфатниот“ договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците за војната во Газа, наведен од американскиот претседател Џо Бајден и го повикуваат Хамас да го прифати“, соопшти групата во заедничка изјава во понеделник.
„Го повикуваме Хамас да го прифати овој договор, кој Израел е подготвен да го прифати и ги повикуваме земјите кои имаат влијание врз Хамас да помогнат да се обезбеди тоа да го направи“, се вели во соопштението на Г7.
Белата куќа објави дека американскиот претседател Џо Бајден го повикал емирот на Катар во понеделникот да ги „искористи сите соодветни мерки“ за да обезбеди прифаќање на Хамас на прекинот на огнот и договорот за заложниците и затворениците кои сега се на маса. Бајден и шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани „потврдија дека сеопфатниот договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците сега на маса нуди конкретен пат за ставање крај на кризата во Газа“, соопшти Белата куќа.