САД се водечкиот глобален производител на нафта

Соединетите држави произведуваат во просек 12,9 милиони барели нафта дневно и водат на светската листа на производители, шеста година по ред, соопшти Министерството за енергетика.

Во декември 2023 година, производството на сурова нафта во САД достигнало нов месечен рекорд, надминувајќи 13,3 милиони барели дневно, според Управата за енергетски информации на Министерството (EIA).

„Во изминатите шест години, САД постојано произведуваа повеќе сурова нафта од која и да е друга земја, според нашата меѓународна енергетска статистика“, објави EIA во понеделникот.

Мали се шансите други земји да го соборат тој рекорд во блиска иднина, додава американската Управа за енергетски информации.

Во јануари, владата на Саудиска Арабија му нареди на енергетскиот гигант „Aramco“ да го прекине планот за зголемување на производството на нафта и да се насочи кон максимален одржлив производствен капацитет од 12 милиони барели дневно, милион барели помалку од планираното во 2020 година.

Саудиска Арабија е водечки производител на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), која заедно со своите сојузници големи независни извозници предводени од Русија познати како групацијата OPEC+, одлучи да ја намали понудата за 2,2 милиони барели дневно до средината на годината за да ги поддржи цените во период на слаба побарувачка под притисок од слабиот економски раст.