САД ѝ се закани на Северна Кореја: Ќе плати доколку ѝ испорача оружје на Русија

Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан рече дека Северна Кореја „ќе плати цена“ доколку ѝ испорача оружје на Русија за употреба во Украина.

Неговите коментари уследија по извештаите дека Ким Џонг-ун и Владимир Путин може да се сретнат во Русија подоцна овој месец за да разговараат за вооружување на Русија.

Американскиот дневен весник „Њујорк Тајмс“ во понеделникот, повикувајќи се на американски и сојузнички извори, објави дека Ким планира да ја посети Русија во септември за да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за можноста за продажба на оружје за војната во Украина. Претходно во вторникот, Кремљ соопшти дека „нема што да каже“ за наводите.