Со минирањето ланскиот септември на гасоводите Северен тек 1 и 2 ланскиот со кои рускиот гас преку дното на Балтичкото Море се испорачуваше во Германија и Европа, Вашингтон самиот си пукаше в ногата, оцени во понеделникот американскиот новинар Сејмур Херш минатата седмица објави истражувачка сторија според која зад експлозиите стојат САД и Норвешка.
Добитникот на престижната Пулицерова награда за истражувачко новинарство, во споменатиот напис ги обвини администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и норвешките власти дека ја планирале, организирале и спровеле саботажата на гасоводите со што практични беа прекинати испораките на гас преку овој руско-германски енергетски проект вреден повеќе милијарди евра.
„Си стрелавте во левата нога без никаква причина. Да, си пукавме во ногата. Да, тоа е глупост што не може да се сфати. Да, тоа е криминално… Сметам дека дефинитивно има забележителен степен на глупост во Белата куќа“, рече Херш во интервјуто за Radio War Nerd.
Појасни дека сега оставени без рускиот гас, Европејците се принудени да бараат алтернативи во вид на обновливи извори на енергија, а тоа е област во којашто Кина е особено успешна.
Зборувајќи на истата тема, Херш во речиси едночасовното интервју рече и дека американскиот претседател Џо Бајден е заинтересиран за судирот во Украина.
„Не прашувајте ме мене зошто претседателите сакаат војна. Мислам дека тоа е добро за рејтинзите (нивни). Само не знам, но Бајден направил голем облог на тоа за им покаже на Русите…. дека можеме да се спротиставиме на Русија“, рече американскиот новинар
Наградуваниот и специјализиран за големи истражувачки стории, Сејмур Херш, минатата среда објави на својата само неколку часа претходно креирана интернет страница Substack, повикувајќи се на свои „осведочени“ извори, дека американската и норвешката морнарица во рамките на воените вежби на НАТО под наслов „Baltops 22“ минатото лето учествувале во операцијата во која американски нуркачи поставиле експлозивни направи под гасоводите кои биле детонирани три месеца подоцна.
Херш, меѓи другото, во написот истакна дека американскиот претседател Џо Бајден одлучил да го саботира Северен тек по повеќе од девет месеци тајни разговори со тимот за национална безбедност. Подоцна, Пентагон одговори дека САД немаат никаква врска со минирањето на руските гасоводи минатата година. Слична изјава даде и Белата куќа, а Стејт департментот повика да се има доверба во позицијата на САД.
Написот објавен на неговиот блог беше главно игнориран во водечките американски медиуми, а администрацијата на САД отфрлија секаква вмешаност во експлозиите за кои засебните истраги на Данска, во чии води се случија, Шведска и Германија, утврдија дека се резултат на саботажа. Меѓутоа, трите земји никогаш не ги објавија сознанијата, ниту кој би можел да биде извршител, објаснувајќи го тоа со прашање од национална безбедност.
Херш, исто така, рече дека актуелниот директор на Централната разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Бернс, има наводно намера да биде следниот американски државен секретар, и го постави прашањето дали неговата наводна активна улога во саботирањето на гасоводите Северен тек тоа би му помогнало да ја оствари целта.
„Знам дека тој (Бернс) сака да биде државен секретар, можеби во нова администрација. Можеби, но не знам сигурно дали тоа ќе му ја отвори вратата на овој господин“, рече Херш во интервјуто за Radio War Nerd.