Соединетите држави во доцна ноќта во четвртокот на седницата на Советот за безбедност при Обединетите нација ставија вето на полноправното членство на палестинската држава во светската организација.
САД ставија вето на нацрт-резолуцијата со која се препорачува 193-членото Генерално собрание на ОН да ја „прими државата Палестина во членство“ во Обединетие нации. Велика Британија и Швајцарија беа воздржани, додека останатите 12 членки гласаа за резолуцијата.
„САД продолжуваат силно да го поддржуваат решението за две држави. Ова гласање не го одразува противењето на постоењето на палестинска држава, туки со него се признава дека до него ќе дојде само преку директни преговори меѓу двете страни“, рече заменик американскиот амбасадор во ОН, Роберт Вуд.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас го осуди американското вето како „неправедно, неетичко и неоправдано“ и во изјавата истакна дека тоа е против „волјата на меѓународната заедница, која силно го поддржува полноправното членство на Палестина“ во ОН.
Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур, на моменти пројавувајќи силни емоции, му рече на Советот по гласањето: „Фактот што оваа резолуција не помина нема да ја наруши нашата волја и нема да ја порази нашата одлучност. Ние нема да запреме во нашите напори“.
Палестинското барање за полноправно членство во ОН беше поднесено шест месеци по почетокот на војната на Израел, кој тврди дека го води против милитантното движење и Хамас во палестинската енклава Појасот Газа и во периодот кога Израел и покрај критиките на меѓународната заедница ги проширува нелегалните доселенички населбите на окупираниот друга палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан).
Советот за безбедност на ОН одамна ја поддржува визијата за две држави кои живеат една до друга во безбедни и признати граници. Палестинците сакаат држава на Западниот брег, источен Ерусалим и Појасот Газа, целата територија која Израел ја зазеде во 1967 година.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го пофали американското вето, додавајќи: „Срамниот предлог е отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.
Обраќајќи им се на 12-те членки на советот кои гласаа за нацрт-резолуцијата, израелскиот амбасадор рече: „Многу е тажно бидејќи вашиот глас само уште повеќе ќе го охрабри палестинското отфрлање и ќе го направи мирот речиси невозможен“.
Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач, што е де факто признавање на државноста, доделен од Генералното собрание на ОН во 2012 година. Меѓутоа, барањето за полноправно членство во ОН мора да биде одобрено од Советот за безбедност и најмалку две третини од Генералното собрание.
„Ние веруваме дека таквото признавање на палестинската државност не треба да дојде на почетокот на новиот процес, но тоа не мора да биде на самиот крај на процесот. Треба да започнеме со решавање на кризата во Газа“, рече во Советот за безбедност британската амбасадорка во ОН Барбара Вудворд.
Пред гласањето за прием на Палестина во ОН, алжирскиот амбасадор во ОН, Амар Бенжама, рече дека тоа ќе го зајакне, а не го поткопува постигнувањето на решение кое вклучува постоење на две држави и додаде дека „мирот ќе дојде во Палестина преку нејзино вклучување, а не нејзино исклучување“.